14.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Македонскиот правосуден систем силно стегнат во канџите на политиката

Со политичко и економско фијаско, константни турбулентни моменти кои само го зацврстија незадоволство и недовербата на граѓаните во народните институции и комплетно нарушен углед на судската власт, преку низа контроверзни одлуки и процеси, за жал, ја заокружуваме оваа година во македонскиот правосуден систем.

И како некоја катарза, со која власта наводно сака да ја „прочисти“ лошата енергија меѓу народот и конечно да воспостави „национално помирување“, спакувана во новогодишен подарок, издејствува амнестија за настаните во Собранието. Но, амнестија за „селективно помирување“, и во тек на незавршен судски процес.

Овој Закон за амнестија кој ќе опфати поголем дел од обвинетите во случајот „27 април“, предизвика бројни реакции не само кај јавноста, туку и кај правната фела. Бидејќи амнестија ќе треба да побараат индивидуално сите обвинети, кои што не се осудени и не мора да значи дека на крајот од процесот сите ќе бидат прогласени за виновни. Па, така, излегува дека амнестија ќе треба да побараат и лица кои и во регуларниот судски процес, можно е да да бидат ослободени од секаква вина.

Амнестијата не се однесува на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое процесот ќе продолжи, стои во официјалното образложение, но, во случајов, сите лица се осомничени за истото дело – тероризам.

Исто така, двојни аршини во овој процес беа применувани при одлучување за мерките за обезбедување присуство судот, па на едни им беше одредена мерка притвор, а на други куќен притвор, иако се осомничени за истото дело.

Мониторингот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија покажа прекршување на правата на притворените лица за „27 април“, посебно тие кои се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а кои на првите две рочишта не добиле храна и вода цел ден. Исто така, негативни забелешки имаа и маратонските судења, со рочишта кои траат и повеќе од 10 часа, без да се води сметка за ефективноста на постапката.

Процес под будна јавна опсервација, и со контроверзен исход, годинава беше и случајот „Поткуп“, во кој премиерот Зоран Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев. Според пресудата, обвинителството не успеало да докаже дека Заев го сторил делото и тој беше ослободен од обвинението.
Имено, обвинението прво се преквалификуваше од примање во барање поткуп.

Пред изрекување на пресудата, судијата Дарко Тодоровски рече дека по преквалификување на обвинението, снимките добиени со посебни истражни мерки (ПИМ), на кои се гледа Заев како бара мито од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев, не се земаат во предвид како доказ во изрекување на пресудата. Инаку, за барање поткуп, законот предвидува затворска казна од 1 до 5 години.

Премиерот е дел и од судскиот процес „ Пуч“. Во овој случај обвинението се отфрли откако предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Образложението на СЈО беше дека фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

Дел од експертската јавност оваа одлука ја оценија кака скандалозната, но не и неочекувана. Реакциите одеа до таму што се шпекулираше дека Заев во координирана акција со СЈО бега од правдата и ова е втора амнестија за него.

Случајот „Пуч“ беше отворен од МВР во јануари 2015 година, а осомничени „за насилство кон претставници на највисоките државни органи“ покрај Заев, беа и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Бранко Палифров, вработен во општина Струмица и и Ѓорѓи Лазаревски поранешен вработен во МВР.

Со пресуда на скопскиот Кривичен суд, поранешниот вработен во УБК, Ѕвонко Костовски беше прогласен за виновен, бидејќи од 2010-та година неовластено ја користел опремата на МВР за следење на комуникациите и во неа внесувал телефонски броеви на политичари и други јавни личности. Костовски се спогоди со Јавното обвинителство, ја призна вината и доби затворска казна од три години.

Но, Костовски, во 2016 година е помилуван со одлука на претседателот Ѓорге Иванов за укинување на сите постапки против политичарите од власта и од опозицијата.

По шест години од петкратното убиство на Смилковско Езеро, судскиот процес годинава се врати на почеток и се чини дека тапка во место. На 19 февруари оваа година обвинетите за масакрот добија доживотни казни затвор, за потоа Врховниот суд да утврди наводни серија пропусти во водењето на постапките и да ги укине пресудите. По оваа одлука, предметот се вратен на судење од почеток.

Судот ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост, односно да не смеат да го напуштат градот во којшто живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1. Меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се активни, иако тие со години се на Косово. Тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција бидејќи тврдеа дека не биле доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.

Од март случајот е во надлежност на СЈО.

Свирепото убиството на младото момче Никола Саздовски, годинава беше уште еден немил настан што ја потресе македонската јавност. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а на последно одржаното рочиште беа презентирани наодите од судска медицина. Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со нивниот другар Ј.Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда. Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули годинава почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тогаш во јавноста излегоа информации дека осомничениот Ј.Љ. е близок роднина на висок функционер од владејачката ДУИ, кој му овозможил да ја напушти државава. Подоцна истражните органи го тргнаа од случајот, под изговор дека е во бегство и дека поради тоа против него наводно ќе се водела посебна постапка. Инаку, досега многупати им се судело во отсуство на лица обвинети за кривични дела, и биле и осудувани, иако во бегство.

Ванчо Шехтански

Во текот на процесот, ОЈО направи преквалификација, од нaсилство во убиство извршено на свиреп начин.

Сепак, адвокат на семејството на убиениот Саздовски, Ванчо Шехтански, смета дека првостепената пресуда за обвинетите за убиството ќе биде осудителна, но со жалба заради немање докази и мотив за свирепо убиство, пресудата веројатно ќе биде укината.
Како причина за ваков развој на настаните во судскиот процес, тој го наведува тоа што судот го одбил неговото барање за вештачење на мобилните телефони на Саздовски и на убијците, како и вештачење од страна на одделот за форензика при МВР на месенџер комуникацијата. Шехтански смета дека токму со вештачењата ќе се докажел мотивот за злосторството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.