Македонскиот тутун може да се најде на кинескиот пазар

Во рамки на одбележување на светскиот ден на тутун, 28. октомври, денес на плоштадот Александрија во Прилеп во организација на Сојузот на тутунските здруженија, тутунари од сите краишта на Македонија го изложија своето најдобро годинашно производство на тутунот.
Манифестацијата ја отвори Данчо Милески, претседател на сојузот на тутунските здруженија на Македонија, а тутунарите ги поздравија министерот за земјоделство Михаил Цветков и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Според министерот Цветков тутунопроизводството, поддржано со државни субвенции, останува егзистенција за околу 150 илјади жители во земјава и се прават напори годинашнава реколта да се извезе на далечниот, кинески пазар.
– Имав пред десетина дена средба со кинеска делегација и се надеваме дека ние како извозници ќе ги исполниме тие барања односно претпријатијата кои сакаат да извезуваат ќе ги исполнат и ќе можеме од годинашнава реколта да извезвуваме тутун на кинескиот пазар, изјави Цветков.
Потенцира дека МЗШВ ги следи подготовките за претстојниот откуп на тутунот и, како што рече,  се ќе се одвива според законот.
– Кампањата ќе се одвива според законските одредби. Нема да им попуштиме ниту на едните, тутунарите, ниту на откупувачите и мора да биде се во законски рамки. Како држава и министерство се залагаме тутунот да се произведува  и сме против редукција на тутунопроизводството. Државата продолжува да го субвенционира, така ќе биде и годинава, изјави Цветков.
Според Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија не е точно дека тутунот не котира на светските берзи.
 Напротив, ориенталниот ароматичен тутун се уште се бара во бленд цигарите. Ја имаме поддршката на државата за производство и за субвенционирање. Од овој светски ден на тутунот испраќаме декларација до Светската здравствена организација и до државата да не поддржува и оти околу 150 000 македонски жители живеат од оваа индустриска култура, нагласи Милески.
Прилепските тутунари велат дека се живеее од тутунот и поради квалитетното производство, годинава очекуваат повисока откупна цена.
– Тутун произведувам 30 години. Годинава има добар, квалитетен род, 300 до 400 килограми по еден декар. Очекуваме добра и реална откупна цена, вели Муса Топаслоски, тутунар од селото Дебреште, Долненско.
За градоначалникот на Пирлеп, Марјан Ристески, тутунот е една од најбитните култури за жителите од Прилепско и Пелагониско, а влијае и врз локалната економија.
– Со субвенциите што ги добивааат земјоделците, односно тутунопроизводителите и заедно со откупната цена, тоа навистина е голема финансиска маса која влегува во локалната економија, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
На денешната манифестација беа прогласени и најдобрите производители на тутун во земјава.