Македонските граѓани наскоро до дигитален здравствен сертификат преку „Комон пас“

Македонските граѓаните наскоро ќе може да дојдат до дигитална ковид-пропусница преку апликацијата „Комон пас“ (CommonPass), информираше Министерството за здравство кое се приклучило кон оваа платформа.

Станува збор за апликација која ја создадоа мрежата „Комон траст“ и Светскиот економски форум со цел да се воспостави интероперабилна платформа за заемно признавање на вакциналните потврди и лабораториски тестови за ковид-19 меѓу 19 држави.

-Министерството цени дека на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард ’Smart Health Card‘. Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност. Со ’CommonPass‘ на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот ковид-19 тест и вакцинална потврда, и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации, информираа од Министерството за здравство.

Оттаму велат дека ќе ги информираат Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и сите други сертифицирани државни и приватни лаборатории за намената на апликацијата и можностите што таа ги нуди.

Институциите и лабораториите, повикуваат од Министерството, директно да контактираат со мрежата „Комон траст“ за да се приклучат кон базата акредитирани и сертифицирани установи партнери на „Комон пас“ за да може да издаваат потврди со кју-ар код кој потоа граѓаните ќе го скенираат преку апликацијата за да добијат и дигитална потврда.

-На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво. Министерството за здравство ја поздравува иницијативата за примена на апликацијата ’CommonPass‘ во нашата земја. Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените ковид-19 тестови, велат од Министерството.

На заинтересираните установи и лаборатории ќе им биде понудена и техничка и административна поддршка за апликацијата, а граѓаните, велат од Министерството за здравство, детали за апликацијата може да прочитаат на www.commonpass.mk.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.