Македонските инженери дел од моторот што ја движи Европската унија

Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија и покрај тоа што не е голема, сепак има огромна предност во тоа што сите инженери и архитекти се обединети заедно и се залагаат за подобра положба на инженерите во Македонија и во Европа, рече претседателот на Комората, Миле Димитровски, на 14-то Генерално собрание, што се одржа денеска во Скопје.

„Заедно сме многу силни и заеднички може да сториме многу за нашите инженери и за инженерството во Европа. Со своето работење ќе ја оправдаме довербата што ни ја даваат европските колеги и ќе станеме уште посилни и поактивни во европскиот совет“, рече Димитровски.

За претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, присуството на инженерите во Скопје значи доверба во Комората и кон македонската инженерска и академска заедница.

„Вашето присуство во Скопје е израз на доверба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, но и воопшто за севкупната македонска инженерска и академска заедница. Иако Република Македонија се уште не е дел од Европската Унија, сепак нејзините инженери и архитекти се дел од моторот што ја движи Унијата“, рече Иванов.

Според него, светот во кој живееме е „дело на поединци кои се умешни во изнаоѓањето решенија за предизвиците на природата и човештвото.

„Речиси нема аспект од човековиот живот во кој инженерството нема свој придонес. Гардежништвото, енергетиката, транспортот, комуникациите, здравството, финансиите, технологиите. Сите овие сфери се резултат на вашите пронајдоци, вашите решенија. Апстрактното знаење го трансформирате во практични пронајдоци. Академските истражувања ги претворате во апликативни решенија кои имаат реална вредност за секојдневниот, реалниот живот на луѓето“, им порача претседателот Иванов на инженерите и архитектите.

ЕЦЕЦ е многу важна инженерска организација во Европа која ги презентира инженерските професии пред европските институции, рече претседателот на Европскиот Совет на инженерски комори, Чртомир Ремец.

„Ова не е вообичаено Генерално собрание затоа што, пред неколку дена, во Брисел ЕЦЕЦ добила статус на правно лице и со полни овластувања може да ги застапува интересите пред Европската Унија. ЕЦЕЦ не е најсилната, но е најважната инженерска организација која ја претставува нашата професија пред Брисел. Правиме се што е во наша моќ да им помогнеме на нашите членки. Исто така, македонската Комора на овластени архитекти и овластени инженери е активна во ЕЦЕЦ од 2010 година. На ова Собрание, меѓудругото, ќе говориме за квалитетот, цените и професионалната регулатива на инженерскиот труд“, рече Ремец.

Претседателот на ЕЦЕЦ, Ремец и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов доделија награда за исклучителна инженерска работа на поранешниот претседател на Светската федерација на инженери, Марван Абдулхамид.

Награда доби и македонската Комора на овластени архитекти и овластени инженери од Европскиот совет за одличната организација на Собранието и активниот придонес на КОАИ во работата на ЕЦЕЦ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.