Македонските млади ракометари ја сомлеа Русија, за 5-то место на СП утре со Унгарија

Со убедливата победа над Русија од 36:27 (21:11), младите македонски ракометари се изборија пласираа за мечот за петтото место на Светското првенство за ракометари до 21 година во Алжир кој ќе се одрига утре против селекцијата на Унгарија којашто го совлада репрезентацијата на Тунис со 34:30

Во своето најдобро издание на турнирот во Алжир, Македонија ја декласираше силната Русија и обезбеди учество на натпреварот за петтото место.

Играта на младите ракометари беше супериорна во текот на целиот натпревар, целосно го надиграа противникот и веќе по 30 минути имаа предност од дури 10 гола (21:11).

Русите, кои на ова првенство покажаа добри резултати и притоа ја елиминираа една од светските ракометни велесили како што е Хрватска, на овој меч беа без шанси шанси против разиграната Македонија.

Во второто полувреме македонските ракометари во четири наврати имаа и максимална предност од 14 голови, првпат во 36 минута (25:11), но потоа го забавија темпото и му дозволија на противникот барем малку да ја намали огромната разлика.

Со голот во последната секунда, Русија успеа да избегне двоцифрен пораз, но сепак го доживеа својот најтежок пораз на ова првенство. Ова е втора победа на Македонија против соодветната руска селекција, откако убедливо ја совлада и во групната фаза со 29:22.

Македонија: Томовски (11 одбрани) 1 (гол), Даниловски, Лазаревски 4, Димитриоски 2, Јагуриновски 3, Нелоски 1, Танкоски, Велковски 6, Шилегов 1, Петровски, Талески 4, Кузмановски 7, Крстевски, Џонов 1, Палевски 6 и Арсеновски. Седмерци: 4/5. Исклучувања: 2 минути.