Доколку еден народ сака да има подобра иднина, мора да ја знае за себе целата вистина како и тоа што го кочи кон таа цел. Историјата ни дава џокери преку повторување на историските состојби во разни временски периоди. Денес како сите да гледат за малку подалеку, но во поблиското и подалечно минатo три пати поделбите во македонското општество се повторуваат: пред и по Илинден 1903, на крајот на Втората светска војна, и околу и по осамостојуването во 1991 година. Тие поделби не паѓаат од небо. Главната вина за нив ја носат македонските лидери – од една страна, заради јазот со народот; од друга страна, затоа што го прошируваат тој јаз во улога на странски марионети.
Од каде е тој јаз? Од заемната недоверба меѓу двете страни.
МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД АНТИКАТА ДО ДЕНЕС ИМА ГОЛЕМА ВЕРБА ВО ЛИДЕР, А НЕ ВО ЛИДЕРСКА КАСТА, КОЈА СИ ГИ ГЛЕДА СВОИ ИНТЕРЕСИ.
Тоа е така, бидејќи Mакедонците секогаш барале директна демократија, а таа демократија не прифаќа каста. Македонскиот идентитет е постар од македонската држава и народот ја создава државата за да биде во негова корист, наместо тој да биде во нејзина. Но со исклучок на антиката тоа е тешко остварливо, затоа македонскиот идентитет се зачувал повеќе од два милениуми, со ретки исклучоци, држава не сме имале.
Со два збора „ОБИЧНИОТ“ МАКЕДОНЕЦ НЕ САКА СВОЈА ДРЖАВА, ВО КОЈА ЌЕ БИДЕ ПОТЧИНЕТ. Тој прифаќа да биде во соработка со лидер, кој ќе му ги брани интересите.
Наспроти народот, македонските политичари ја сфаќаат државата како институција преку која ќе владеат со народот. Притоа, тие имат желба да владеат, но прво, немаат појма од државност; второ, не им е гајле што сака народот; трето, не ги сфаќаат историските состојби сеедно им е, живеат надвор од нив. Доказ за последново е фактот дека дел од политичарите по Втората светска војна се спротивставуват Македонија да биде дел од Југословенската федерација. Независно што многу поголеми националисти се Србите и Хрватите, тие ги согледале обективните вредности од тогашната Федерација. Во 1990 година е обратно: наспроти Словенците и Хрватите, македонските политичари во нивните изјави се изјаснуваат како најголеми југоносталгичари. Денес сме сведоци на истото. Велика Британија излегува од Европската Унија, други држави спремаат референдуми за излез, а нашите „мудреци“ сакат да се втурнат внатре како и во НАТО – а нашите идни војници би биле топовско месо.
Доказ дека политичарите немат појма за државност е фактот дека тие сакаат да управуват со државата на партиски начин. Во Југословенската федерација, КПМ е многу далеку како од директната демократија, така и од самостојност. По 1990 година новосоздадените партии од една страна и се спротивставуват, а од друга – ја копират. Но не во однос на позитивите, туку во однос на негативностите. Комунистичката партија нудеше членство на луѓе кои ги сметаше за квалитетни, правеше избор, а не даваше објави во печатот граѓаните да се зачленат кај нејзе. Денешните партиски лидери не прават разлика меѓу партија и профсојус. Создадените партии во 1990 година во Македонија истовремено се авторитарни и зависни од надворешни фактори. Притоа, секоја од нив ја стега државата по своја мерка и сака да и ги наметне своите моментални интереси. Па, оттаму секоја партија се бори за повеќе членска маса. Македонските граѓани се поделени на неколку поголеми партии-држави, кои ги менуват општите национални и државни интереси, со партиски интереси.
Во последниве 15-ина години имаме: партија-држава ВМРО-ДПМНЕ, партија-држава СДСМ и партија-држава ДУИ плус ДПА. Албанските партии во Собранието се две, но надвор од судирите меѓу нив, дејствуват како една „држава“ во однос на албанските интереси. Во споредба со нив, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се на спротивни страни за македонските национални интереси. А, инаку, и двете се потчинети на надворешни фактори. На тој начин, се повторува ситуацијата од пред околу еден век кога Внатрешната револуционерна организација е расчепена на македонски патриоти и одродници бугараши, но и едните, и другите барат поткрепа од Бугарија. И тогаш, и денес има и една четврта македонска „држава“, која е непартиска. Од нејзе и во минатото, и денес се извлекуваат десетици и стотици илјади имигранти. Во споредба со партиските „држави“, оваа „држава“ е најголема/денес околу 40 отсто од населението/. Само што е индиферентна во внатрешен план и активна во бегството надвор од Македонија.
Минатите и денешните македонски политичари мислат дека зборувањето со нејаснотии и контроверзности е врв во политичкото искуство. Во суштина, тоа може да биде во нивна корист само привремено. А, инаку дава можност за фалсификуфање на македонските историски вредности, за полнење на македонскиот бренд со туѓа содржина. Како на пример, во минатото лозунгот „Македонија за Македонците“.
Политичарите директно ја виткат „кичмата“, а истовремено заемно се обвинуват за тоа виткање. Веќе толку години се водат глупи преговори со Грција за природното и уставно македонско име/идентитет, постојано има обвинувања кој го продал името, ама никој не ги прекинува преговорите. Ако велиме дека однадвор не смеат да одлучуваат како да се викаме, зошто тогаш седиме на маса со уценувачите? Ако раководителите на македонските судови се жалат дека странците им правеле притисок, зошто прифаќаат средби и разговори со уценувачи како Бејли? Претседателот Иванов изјави дека ќе направи бојкот на Самитот на НАТО во Варшава, заради тоа што не се почитува меѓународното право во однос на Македонија. Но, каков е тој бојкот, кога наместо Претседателот, ќе одат министрите за надворешни работи и за одбрана? Притоа, за празникот на САД и Иванов со останатите македонски политичари се истопори во американската амбасада кај Бејли. Владејачката партија се жали за Пучот, кој две години во разни форми се одвива во Македонија, но истовремено преговара со пучистите однадвор и одвнатре, и им попушта во се’.
Се смееме на Србија која моментално седи на две столици – со Русија и со ЕУ, т.е. САД, но ние се плашиме да го направиме дури тоа. Рускиот и кинескиот Претседател беа во Белград, а за компензација нашите смислија невероватна глупост. Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Стоилковиќ беше во Москва на Конгресот на Серуската политичка партија „Единствена Русија“ и потпиша Декларација за зачуване на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Замислете, нашиот „храбар“ државен врв кој постојано труби: „Државата пред сè“, го пратил лидерот на српското малцинство кај Медведев и Путин за да ни го гарантират интегритетот и суверенитетот. Македонска партија значи нема храброст да бара гаранции за својата држава. Веројатно затоа што македонските партии сами го продават нашиот интегритет и суверенитет.
Сето тоа е доказ дека денешните македонски политичари се штетни за државата. Тие и не знаат, ама и не сакаат да ја управуват во интерес на македонскиот народ. За слична состојба во минатото Ленин беше кажал дека народот не сака да живее како досега, а елитата не може да управува на нов начин.
ИЗЛЕЗОТ Е ИЛИ КРАЈ НА ЕЛИТАТА, ИЛИ КРАЈ НА ДРЖАВАТА.
Доаѓањето на „олеснувачи“ како германскиот хохштаплер и пучиската Нуланд и склопување на нова варијанта на Пржинскиот договор ќе потврди дека со нашата досегашна елита, толку од државата.
Меѓутоа, дали обративте внимание на логото под кое се одржа 25-тата конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ? Цифрата 25 беше испишана на начин, на кој во средина се јавува голем превртен црн крст.
ПРЕВРТЕНИОТ КРСТ Е СИМБОЛ НА САТАНИЗМОТ И ИЗРАЗ НА КРВ И БОЛКА.
На трибината под логото на конференцијата со зборови излегоа сите лидери на владејачката партија. Дали некој им се исмејуваше или пак беше предупредување?