Македонските ученици за 11 години школо добиваат знаење како за 7,3 години учење

Индексот на човечи капитал на Светска банка во земјава во периодот 2010-2020 година се зголемил од 0,54 на 0,56, но сепак е понизок споредено со просекот во регионот на Европа и на Централна Азија, како и на земјите со висок среден приход.

Според Индексот на човечки капитал, дете родено денес во  Македонија ќе достигне 56 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита.

„Дете, кое во Македонија започнува со училиште на четиригодишна возраст се очекува да заврши 11 години предучилишно, основно и средно образование додека да наполни 18 години. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се приспособат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години, што значи дека има јаз во учењето од 3,7 години“, се наведува во извештајот на Светска банка. Индексот на човечки капитал, кој ги мери резултатите од човечкиот капитал низ целиот свет пред пандемијата.

Во него за резултатите во здравството во земјава се наведува дека 99 од 100 деца родени во Северна Македонија доживуваат до петгодишна возраст.

– Северна Македонија од 2010 година направи значителни напори во подобрување на резултатите во образованието и здравството, но сѐ уште постојат предизвици. За подобрување на човечкиот капитал, земјата треба да инвестира повеќе во квалитет и рамномерен пристап во образованието – вели Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава.

Тој додава дека исто така, многу е важно и зајакнување на системот за превенција од хронични незаразни болести, преку подобрување на скринингот, управувањето и контролата.

Извештајот наведува дека земјите од регионот имаат релативно повисоки приходи, така што се во можност да инвестираат повеќе во основно образование и во здравствени услуги, споредено со посиромашните земји.

– Владите во Европа и Централна Азија дадоа приоритет на инвестициите во здравството и образованието, кои се главни двигатели на растот и развојот. Сепак, за предизвиците предизвикани од ковид-19 потребен е посилен одговор на политиките, што вклучува поголемо користење на технологијата со цел подобрување на услугите и подобрени програми за социјална заштита, со цел постигнување подобар квалитет на образованието и здравствените услуги за граѓаните – порачува Ана Бјерде, потпретседатлка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија.

Извештајот вклучува и десетгодишна анализа за развојот на човечкиот капитал од 2010 до 2020 година во 103 земји. Албанија, Азербејџан и Русија се меѓу 10-те земји кои бележат прогрес во здравството и во образованието.

Резултатите покажуваат дека во здравството во регионот се релативно добри, во рамки на глобалните стандарди.

Во последните 10 години, смртноста на децата значително е намалена во Азербејџан, Казахстан и Турција, а забележано е значително намалување на стапките на забавување во развојот кај децата во Албанија, Азербејџан, Северна Македонија и Турција. Стапката на смртност кај возрасните е намалена особено во Казахстан, Русија и Украина, но сѐ уште останува висока во повеќето земји.

Во делот на образованието извештајот покажува дека во просек, квалитетот на образованието не се подобрил во целиот регион во изминатата деценија.

Од Светска банка во извештајот наведуваат дека сепак, пандемијата предизвикана од ковид-19 се заканува на досегашните придобивки, додека владите се трудат да ги одржат здравствените и образовните услуги соочени со ограничувањата за заштита на јавното здравје, вклучително и затворање на училиштата.

Индексот на човечки капитал на Светска банка го разгледува патот на детето, од раѓање до 18 години, според утврдени стандарди (показатели) како што се: преживување на децата (од раѓање до 5 години); очекувани години на основно и средно образование прилагодени според квалитетот на образованието; забавување во развојот кај децата; и стапки на преживување кај возрасните. Индексот на човечки капитал 2020 базиран на податоци до март оваа година, обезбедува основа од периодот пред пандемијата, што може да помогне во информирањето на здравствените и образовните политики и инвестициите за пост-пандемиско закрепнување.

Светска банка помага на владите во развој на долгорочни решенија преку кои ќе изградат поотпорни, инклузивни економии во периодот по пандемијата. Примери за таквата работа ја вклучува Украина, каде Светска банка помага во зајакнување на одговорот на земјата во борба против ковид-19, и вклучува модернизација на одделите за итна помош и одделенијата за мозочен удар во 40 болници, како и обука за илјадници доктори во Украина. Во Турција, Светска банка го поддржува развојот на ТВ и дигитални содржини за комбинирано поучување  и учење кога училиштата повторно ќе се отворат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.