Македонско национално понижување: толку многу срам за толку многу од толку малку

Може ли цел еден народ да биде понижен? Ако може, тогаш какво е чувството. Освен малцинството тврдокорни клиентелисти и навивачи на тековната власт останатите мора да чувствуваме мешавина од неверување, лутина и срам за ова што се случува со Македонија. Граѓаните на оваа држава не сторија ништо за да го заслужат понижувањето што ни го приреди оваа власт со промената на името и историјата на државата, под диктат на нашиот јужен сосед.

Во домашната и надворешната политика на државите доминираат психолошките емоции што управуваат со националниот идентитет и го мотивираат политичкото однесување. Aктите на понижување се специфичен и честопати трауматски начин на практицирање моќ во надворешната политика. Понижувањето не е емоција само по себе и затоа не треба да се меша со срамот. Срамот кој го чувствувате по понижувачкиот чин е состојба на свест каде се руши вербата во се што сте верувале дотогаш. Понижувањето во надворешната политика се карактеризира со отсуство на реципроцитет што генерира чувство на немоќ. Последиците се сериозни и долготрајни за жртвата. Државата.

Македонската држава е понижена. Како никогаш порано во својата историја. Нашата власт и носителите на одлучување во надворешната политика ја потценија важноста на националната гордост, што неизбежно ќе доведе до катастрофални последици по државата. Катастрофалните одлуки во надворешната политика веќе се донесени. Последиците следат.

Вообичаено, понижувањето ги нарушува човечките и државните односи со тоа што го нарушува чувството за интегритет на една личност или нација. Симптомите на понижување имаат тенденција да водат кон моралната деградација на нацијата и  нарушување на нејзината перцепција за себе. Низ историјата понижените нации многу брзо  се соочуваат со идентитетска криза. Нашата е неизбежна, особено кога ќе ви го земат името и минатото со флагрантно искривување на историјата и бришење на колективната меморија на македонскиот народ. Имплементацијата на договорот од Преспа не е ништо  друго до продолжување на актите на понижување на државата и манифестација на екстремна нерамнотежа меѓу страните во договорот, што не само го зајакнува чувството на жртва кај македонскиот народ, туку и капацитетот да дејствува  автономно е сериозно загрозен. Со договорот од Преспа македонскиот народ го  изгуби гласот во сопствената иднина.

Нашиот фејсбук министер за надворешни работи  за по дома, Никола Димитров ќе изјави дека Преспанскиот договор склучен меѓу Грција и Македонија во врска со спорот за името меѓу двете земји, е премногу голем за да пропадне, и дека вложувањата и зборовите на пофалба кои доаѓале од целиот свет го направиле Преспанскиот договор значаен. Неговите зборови со себе носат кисел дожд од корозивни емоции. Тој појма нема или се прави недоветен за понижувањето што му го приреди на македонскиот народ непочитувајќи ја неговата воља, и како тоа ќе се одрази врз националниот идентитет, за кој тврди дека со договорот бил зацементиран. Заборава дека гордоста на еден народ е вродено врзана за неговиот идентитетот, поради што понижувањето што му го приреди може да биде погубно за националниот идентитет, зашто го напаѓа чувството на самопочит на нацијата.

Линднер тврди дека понижувањето, повеќе од која било друга емоција, доведува до насилство преку одмазда: „штом страдањата се преточат во сеопфатни наративи на нелегитимно понижување … желбата за одмазда е на маса“. Понижувањето на еден народ и губењето на самодовербата во однос на другите нации многу лесно може да доведе до заживување на национализмот и враќање на поддршката на општеството за силен лидер кој ќе вети враќање на гордоста на нацијата. Нека ги стружат шахтите, нека ја менуваат и продаваат историјата, нека продолжат да го обезличуваат македонскиот народ, истиот порано или подоцна ќе одговори. Којзнае, можеби ќе одговори со бес против светот, но особено против оние кои сметаме нè поставија во таква позиција.

Затоа важно е политиката брзо да го разбере деструктивниот потенцијал на понижувањето на нацијата. Мора да ја следи перцепцијата за чувствителноста на македонскиот народ на понижувањето и неговите ефекти врз националниот идентитет, зашто понижувањето е силен обединувачки стимул кој лесно може да го оправда политичко однесување што не го посакуваме.

Ако ги слушаме оние што го понижија македонскиот народ преку промена на името на нашата држава и неговата историја сериозно ќе помисливме дека го живееме времето на политички гиганти во надворешната политика на оваа држава. После триесет години се најдоа мажи за големи одлуки. Достојни за нобелова награда. Кога погледот ќе ви се избистри гледате политичари марионети кои се толку длабоко компромитирани што никогаш не можат да се ослободат и да постапуваат независно во интерес на својот  народ.

Македонија го живее времето на своите политички џуџиња кои не само што не разбираат меѓународна политика, туку имаат мал, скоро никаков интерес да учат. А, и зошто би.  Нивното е да испорачаат. Без разлика на цената. А, што друго може да очекувате од луѓе без почит за гордоста на својот народ.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес