Македонското друштво „Пирин“ од Австралија прати пари за Македонците во Бугарија

Помош од 12.000 долари собрале Македонците од Австралија за македонското културно друштво во Благоевград – Бугарија. Македонското друштво „Пирин“ од Мелбурн, Австралија, кое го води Ицо Најдовски, собраните пари веќе ги испратило на сметка на македонското културно друштво кое се отвора во соседна Бугарија.

Парите треба да послужат за отворање на клубот и за судски трошоци за битката за правда што ја бараат Македонците од Бугарија пред европските судски инстанци. Според најавите, спонзорството ќе продолжи и во иднина.

Многу од нашите иселеници се приклучиле на оваа иницијатива на Најдовски и уплаќале помеѓу 50 и 350 долари кои би требало да им помогнат на Македонците во Бугарија.

Овој убав гест го поздрави и македонското здружение во Бугарија “ОМО Илинден-Пирин”.

– Високо хуман патриотски гест: Помош од Македонците во Австралија за Македонците во Бугарија! Од „Пирин“ за Пирин! Помошта е наменета за непризнаените и дискриминирани сонародници во Бугарија, за помагање нивната борба за човекови и малцински права, за нивната културна дејност и дејноста на нивните клубови. Од неа ќе се помогне на повеќе македонски организации овде кои водат битка за своја регистрација, адвокатски трошоци, помош за општо-македонски културни манифестации, за помагање на македонски културни клубови и отворање нови. Оваа организација ќе постои и понатаму а со цел да ги помага Македонците во Пиринска Македонија и други места, каде Македонците се онеправдани, објави ОМО „Илинден-Пирин“.

Инаку, од фотографијата која тие ја објавиле се гледа дека меѓу донаторите во Австралија е и познатиот тренер на ФК Вардар и на македонската репрезентација – Андон Дончевски.