Македонското малцинство во Србија претставено со картата на Голема Македонија и сонцето од Кутлеш, а потоа зацрнета

Револт од Грците во Србија поради прикажување мапа на географска Македонија, во контекст за Северна Македонија со знаме на сонцето од Кутлеш. Тамошната граѓанска партија на Грците (ГСГС) упатила протестна нота до српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ зашто на презентација на РТС во рамки на онлајн-платформата „Моја школа“ за часовите за српски јазик за учениците од осмо одделение при набројувањето на сите национални малцинства во земјата со мапи и знамиња на матичните држави, кон Северна Македонија е припоен и дел од територијата на Грција.

„Протестираме во име на целата грчка заедница во Србија поради прикажувањето на картата на државата Северна Македонија, која е претставена како да опфаќа територија на Република Грција. Сметаме дека овој пропуст е ненамерен, но и недозволив“ – пишува во писмото на партијата.

Упатувајќи извинување кон протестната нота на партијата на Грците, српскиот помошник-министер за образование, Милан Пашиќ, посочи дека станувало збор за голема грешка, која не е направена намерно, со што таа ќе била исправена во најкраток можен рок и на интернет ќе биде поставена променетата верзија.

По пребарувањата за изменетата верзија, може да се забележи дека српското Министерството проблемот го решило со тоа што врз грешната мапа има ставено црна дамка, па така веќе нема никаков приказ на територијата на Северна Македонија.

Освен тоа, при набројувањето не е спомнат македонскиот јазик, за разлика од другите малцинства чии јазици редоследно се потенцирани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.