„Макфест” ги објави учесниците, но не и наградите

Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2020” наместо в НУЦК „Ацо Шопов”, годинава ќе се одржи на отворено, на градскиот плоштад „Слобода” во Штип, на 18-ти и 19-ти септември.

Најавена е изведба на 23 новокомпонирани песни, а дел од учесниците се Биба Додева, Нокаут, Ај Кју, Димитар Андоновски, Наталија Славева и други. Ова е 35-то издание на реномираниот фестивал, кој и остави низа на хитови на публиката во изминатите децении, а целосната листа со учениците е објавена на официјалната страница на фестот.

Првата вечер ќе биде ревијална, и ќе ја потсети публиката на големите евергирини на Трајче Манев, Тања Кочовска, Олгица Христовска, Дарио Панковски, Мики Јовановски Џафер и други. Втората вечер ќе има натпреварувачки карактер, а на сцената ќе запее и композиторот Григор Копров.

Лани на фестивалот победник беше Мартинијан Кириловски, второ место освоија Дац и Александар, а трето групата Фрајле. Наградата за прво место беше 5.000 евра, за второ место 3.000 и 1.000 евра за трето. Исто така, беа доделени и повеќе награди од по 500 евра, за категории како најдобар дебитант, аранжман, сценски настап. Годинава на официјалната страница на фестивалот не се објавени податоци за висината на наградите.

Освен фестивалот „Макфест”, во Штип е популарна и традиционалната манифестација „Пастрмајлијада” која му носи на градот илјадници посетители од сите краеви. Годинава манифестацијата е откажана поради пандемијата, а фестивалот ќе се одржи според препораките на здравствените власти.