„Макпрес“: Респираторите заглавени во PR-от на власта

99

„Јавноста треба и мора да ја знае вистината“ ова беше најавената мисија на министерот за здравство Венко Филипче кога прв пат застана да објави дека во Македонија има прв случај на заболен од корона вирус. Станува збор за жената која веќе е оздравена. И од тој ден наваму, министерот е човекот кого со симпатија го следат голем дел од македонските државјани. Велат им влева смиреност и доверба начинот на кој ги соопштува информациите, апелите ги дава со доза на оптимизам тврдејќи дека ситуацијата е под контрола, анализира Макпрес.

Но, како расте бројот на заболени, ситуацијата станува се покомплицирана. ПИ АР-от на власта веќе е немоќен пред паниката и револтот, особено после информацијата за набавката на дополнителни респираторни апарати што во моментот ни се повеќе од неопходни. Прашањето е зошто?

Одговорот лежи во различните и збунувачки изјави на министерот. Во нив се надзира сомнеж околу процесот на набавка на респиратори.

На прашање на 16 март Филипче кажа дека се очекуваат 50 нови респиратори до крајот на неделата: – Набавуваме 50 респиратори коишто ги очекуваме до крајот на оваа недела, со можност за уште 50 дополнителни, и тоа за што очекуваме одговор од кинеската амбасада дали ќе можеме да добиеме 200 респираторни машини, рече Филипче.

На слично прашање на 19 март, во кое конкретно беше посочено зошто е избрана најскапата фирма за респиратори од Бразил, кога имало поефтини понудувачи, министерот одговори:

– Набавката не е завршена, допрва следи аукција на намалување на цените. Не е вистина дека се се држи во тајност или се користи некоја ситуација, рече Филипче на 19 март, четврток. Очекувано дилема: кога Филипче ја говореше вистината: кога најави во понеделникот дека до крајот на неделава ќе ги имаме респираторите или во четвртокот кога тврдеше дека „набавката не е завршена“? Како може да не е завршена набавката, ако респираторите треба да се веќе стигнати до крајот на неделата?! И токму заради овие дилеми, за да нема забуни, новинарите и вчера, во петок, 20 март, пак прашаа која е вистината. Следеше уште еден зачудувачки одговор:

– Заглавени се во Бразил, и тоа со одлука на бразилската влада за стопирање на извозот, рече Филипче на 20 март.

И повторно прашалници: што е пак сега вистината? Нели Бразил беше лажна вест?

Освен вртоглавиот раст на бројот на заразени, изгледа почнува да расте и бројот на лаги, неуспешен Пи Ар за покривање на чудни вистини, знајни само за власта. И без да наведуваме на заклучоци, ќе се држиме до улогата на медиумите: да ги изложат сите факти, па читателот/гледачот/слушателот самите да ги извлечат. Фактите во случајот се изјавите на министерот, ниедна поврзана меѓу себе, односно речиси спротивставени. На крајот, по се изгледа, додека се носи со црната бројка на новозаразени, Филипче ќе треба и да се носи со одговорноста ако не ја зборува вистината. А која е, изгледа знае само тој, иако мисијата му почна со девизата „јавноста мора и треба да ја знае“.

ИЗВОР: МАКПРЕС

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.