Макрадули: Иннцидентот во „Охис“ е саниран, не постои никаква опасност

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска преку својот Фејсбук профил информираше дека инцидентот во фабриката „Охис“ е целосно саниран и оти нема никаква опасност.

– По вчерашните случувања во кругот на „Охис“, денес повторно е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и од Лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ангажирана од страна на судот, за надзор на процесот и начинот на кој се одвива чистењето. Она што е констатирано е дека инцидентот е саниран, благодарение и на брзата реакција на сите надлежни институции – напиша Макрадули на Фејсбук.

Тој додава дека откако ќе бидат собрани и обработени податоците од сите релевантни институции, ќе се донесе соодветно решение.

– Сакам да ги уверам жителите на Кисела Вода дека не постои никаква опасност, а тоа и го покажуваат и мерењата од страна на Лабораторијата АМБИКОН, направен со PID детектор за органиски испарливи компоненти кој покажа дека нема концентрација на метил акрилат мономер во зоната на објектот – пишува Макрадули.

Инцидентот беше пријавен вчера од страна на граѓани кои почувствувале непријатна миризба, печење на очите и главоболки. На терен беа излезени сите надлежни институции и според информациите од Државниот инспекторат за животна средина целата излеана течност беше собрана уште во текот на вчерашниот ден.

Информациите од надлежните институции беа дека е истечена вода од цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер. При миењето на цистерната попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот поради што се почувствувала непријатна миризба во околината.