Макрон ќе објави целосен карантин во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва треба да воведе национален карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот, објавија француските медиуми.

Објавата се очекува по рекордниот број пациенти во таа земја што доведе до притисок врз болниците, а бројот на смртни случаи во таа земја е зголемен.

Макрон треба да објави карантин вечерва во телевизиско обраќање до нацијата, а во текот на денот одржа состанок со министрите во владата.

Премиерот Жан Кастекс денеска се среќава со лидерите на синдикатите и опозициските партии за да ги оправда построгите мерки.

Во големи делови на Франција, вклучително и Париз, е воведен полициски час, но властите велат дека тоа не е доволно за да се запре вирусот.

Бројни француски лекари повикаа на заклучување и рекоа дека 58 проценти од креветите на интензивна нега се зафатени.

„Владата не зеде предвид каков беше првиот бран и тие не научија доволно од него“, рече Фредерик Валету, претседател на Француската болничка федерација. Тој повика на блокада во траење од еден месец, додавајќи дека вториот бран во болничките системи ќе биде уште повеќе поразителен од првиот и дека болниците нема да преживеат без драстични мерки.

Економистите, пак, предупредуваат дека тоталната блокада може да влијае на цела Европа доколку другите земји се решат да го сторат истото.

Во Франција, 523 лица починале вчера од коронавирус, со 380 нови случаи на 100.000 луѓе.