Макрон: ЕУ ги затвора границите во вторник напладне

Европската унија ќе ги затвори „во вторник напладне“ надворешните граници во следните 30 дена во тамките на борбата против пандемијата од коронавирусот, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот вечерта и најави државни гаранции за помош на економијата, одложување на изборитее, на реоформите и плаќање на режиите.

„Сите патувања меѓу неевропските земји и Европската унија ќе бидат суспендирани за 30 дена“, рече Макрон во обраќањето до нацијата коешто го пренесуваше телевизијата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претходно во понеделникот предложи, во рамките на напорите за сузбивање на ширењето на коронавирусот, привремени ограничувања за влез во Европската унија во траење од 30 дена и тоа го објави на прес-конференција по видео-конференцијата со челниците на земјите членки од седумте најразвиени земји Г7.

Овој предлог мора да го одобрат земјите членики, а тоа се очекува во вторник кога се одржува видео-конференција на челниците на 27-те земји членки на ЕУ. Ограничувањата би се однесувале на патувањата на државјаните од третите земји кои не се неопходни.

Макрон, исто така, најави дека француските граѓани ќе мора да останат во своите домови, а ќе излегуваат само поради важни причини, одразувајќи ги мерките против новиот коронавирус кои веќе се преземени во соседна Италија.

Мерката стапува на сила во вторник попладне и ќе трае најмалку 15 дена, а „секое кршење на овие правила ќе биде казнето“, предупреди Макрон во обраќањето до нацијата.

„Ви зборувам вечерва со голема сериозност, слушајте ги здравствените работници кои велат: Ако сакате да ни помогнете, мора да останете дома и да избегнувате контакти. Знам дека ова што го барам од вас е без преседан, но околностите тоа го наложуваат. Ние сме во војна“, истакна Макрон и додаде дека не може да се предвиди колку ќе трае моменталната ситуација.

Францускиот претседател рече дека се одложува вториот круг од локалните избори во недела, како и дека ќе биде суспендирано спроведувањето на владините реформи, почнувајќи од извонредно критикуваните и оспоруваните реформи во пензискиот систем.

Макрон ги критикуваше своите сонародници кои навалија на отворените пазари и паркови во неделата, откако беа затворени кафетериите и рестораните.

„Не само што не се штитите себеси, а последните настани покажуваат дека никој не е сигурен, дури ни младите, туку не ги штитите ни другите“, рече Макрон,.

Најави и дека ќе биде одложено и плаќањето на режиите. Според Макрон, ниедна француска компанија нема да биде изложена на ризикот да пропадне. Вети државни гаранции во износ од 300 милијарди евра за заеми.