Макрон го осуди извртувањето на неговите изјави за карикатурите

Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди во саботата „манипулирањето на некои политички и верски челници“ со неговите изјави за карикатурите на пророкот Мухамед, кои наведуваат на заклучокот дека тие кариктури „доаѓаат од француската влада“ и дека се насочени притив исламот.

Во разговорот на панарапската сателитска телевизија Al Jazeera, Емануел Макрон додаде дека сфаќа оти мислиманите можат да бидат „згрозени“ од карикатурите на Мухамед, но дека тоа не го оправдува насилството.

„Реакциите во муслиманскиот свет се последица на купот лаги и фактот дека луѓето поверувале и дека и самиот ги одобрувам тие карикатури (…) Поборник сум на слободата на пишувањето, на мислењето и цртањето во мојата земја, бидејќи мислам дека тоа е важно, дека тоа е право, дека тоа се нашите слободи“, истакна француските претседател за Al Jazeera којашто е многу гледана во муслиманскиот свет каде што последните две седмици се одржуваат масовни протести против Франција и карикатурите и на кои се делат навредливи фотографии со неговиот лик и се повикува на бојкот на француските производи.

„Тоа не значи дека лично го поддржувам сето она што ќе се каже, напише или нацрта“, додаде Макрон.

Велејќи дека сака „смирување на ситуацијата“, францускиот претседател повтори дека не сака „да се повлече бидејќи тоа би било противуставно и страшно губење на нашиот суверенитет“, истакнувајќи дека во Франција нема „стигматизација на муслиманите“.

„Но на многу лидери им велам дека медиумите во Франција се слободни“, истакна Макрон додавајќи дека „во многу земји кои повикаа на бојкот веќе нема слободни медиуми, значи веќе не може да се цртаат карикатури, не само на Пророкот, на Бог или на Мојсеј, туку и на фукционерите на таа земја“.

„Понекогаш се цртаат карикатури на странски челници, а не на челниците на земјите во која се живее, бидејќи на карикатуристите им ги кршеле рацете, а новинарите ги убивале и ставале во затвори. Тоа не се случува во Франција“, истакна Макрон.

Ја оцени како „недостојна“ и „недозволива“ кампањата на бојкот на француските производи во некои од муслиманските и арапски земји.

„Оваа кампања е невидена и ја осудувам. Ја спроведуваат некои приватни групи кои не разбрале и се потпираат на лагите за нив, а понекогаш и на други челници. Тоа е недозволиво“, рече Макрон.

Во врска со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган, кој му порача да се „прегледа“ во врска со неговото „ментално здравје“, Макрон оцени дека турскиот челник „се однесува воено подбуцнувачки со сојузниците во НАТО“, додавајќи дека сака „работите да се смират“ и турскиот претседател „да не зборува лаги“.

Воедно Макрон побара „турскиот претседател да ги почитува Франција и Европската унија, да ги почитува нивните вредности, да не зборува невистини и да не навредува“ во времето на дипломатските тензии меѓу Париз и Анкара.