Макрон го повика Кси „да ја вразуми“ Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот во Пекинг го повикал кинескиот претседател Кси Џинпинг да дејствува на Русија за да ја запре војната во Украина.

„Руската агресија во Украина ѝ зададе удар на (меѓународната) стабилност.. Знам дека можам да сметам на вас дека ќе ја вразумите Русија и сите да се вратите на преговарачката маса“, изјавил Макрон стоејќи до Кси пред Големата сала на народот пред почетокот на нивниот разговор.

Нејасно е како Макрон смета за почетокот на мировни преговори, кога украинскиот претседател Володомир Зеленски под сугестија на Лондон и Вашингтон донесе закон со кој се забрануваат преговори додека Русија ја води претседателот Владимир Путин. Покрај тоа, безброј пати досега челниците на САД, ЕУ и НАТО истакнуваат дека сега не е моментот Киев да преговара со Москва и дека тоа треба да следува по воената победа на Украина.

Претходно во февруари  Кина предложи мировен план од 12 точки за украинската криза, повикувајќи ги двете страни да се согласат на постепена деескалација што ќе доведе до сеопфатен прекин на огнот. Меѓутоа колективниот Запад (САД и ЕУ) го отфрлија планот наводно поради одбивањето на Кина да ја осуди Русија, а САД и НАТО тогаш рекоа дека Кина размислува да испрати оружје во Русија, тврдењата што Пекинг ги негираше.

Макрон разговараше со премиерот Ли Чијанг пред да се сретне со Кси. Кинеската државна телевизија CCTV објави дека Кси рекол дека Кина и Франција имаат способност и одговорност да ги надминат своите „разлики“ и „ограничувања“ додека светот претрпува длабоки историски промени.

Истакнувајќи дека светот денес минува низ длабока историска трансформација, Кси рекол и дека Кина и Франција се постојани членки на Советот за безбедност на ОН и големи земји со традиција на независност.

„Кина и Франција се цврсти поборници за мултиполарен свет и за поголема демократија во меѓународните односи. Тие имаат способност и одговорност да се издигнат над разликите и пречките, да се држат до целокупната насока на сеопфатно стратешко партнерство кое е стабилно, заемно корисно, претприемничко и динамично и практикуваат вистински мултилатерализам за глобален мир, стабилност и просперитет“, рекол кинесјиот претседател.

Истакнувајќи дека посетата на претседателот Макрон на Кина е прва на шеф на европска држава по целосното продолжување на размената на Кина со светот и успешното завршување на кинеските „две сесии“, Кси оценил дека посетата ќе внесе нов моментум и ќе донесе нова виталност во односите меѓу Кина и Европа.

Посетата на Макрон на Кина заедно со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, доаѓа по годините затегнати односи меѓу ЕУ и Кина поради низа прашања, вклучително и чувствителните технологии, застојот на инвестицискиот договор, критики за транспарентноста на Кина во врска со пандемијата на коронавирусот и неподготвеноста на Пекинг да ја осуди Русија поради инвазијата во Украина.

Говорејќи пред новинарите во средата по неговото пристигнување, Макрон рече дека Европа мора да се спротивстави на намалувањето на трговските и дипломатските врски со Кина и да го отфрли она што некои го нарекоа „неизбежна спирала“ на тензии меѓу Кина и Западот.

Фон дер Лејен ќе се сретне со Кси подоцна во текот на денот, пред трилатералните разговори во вечерните часови.