Макрон и Шолц: Русија не смее да победи во војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц изјавија во вторникот по завршувањето на самитот на Г7 во Германија, дека руските планови не смеат да успеат во Украина.

Макрон рече дека Русија има само една цел а тоа е Украина да се предаде, но дека Москва „нема да ја добие војната“.

„Русија не може ниту смее да победи“ во војната во Украина, а санкциите ќе траат „додека биде потребно“, рече францускиот претседател на прес-конференцијата по завршувањето на самитот.

Макрон рече дека наводниот напад врз трговски центар во централниот украински град Кременчук претставува „воено злосторство“ и дека Франција ќе ја поддржува Украина сѐ додека е потребно.

Макрон, исто така, пред самитот на НАТО кој од вторникот до четврток се одржува во шпанската престолнина Мадрид, рече дека земјите во воениот сојуз мора да испратат порака на единство.

„Пораката којашто мора да биде испратена од Мадрид, е порака на единството и моќта. Станува збор за безбедноста на европскиот континент“, рече Макрон.

Германскиот канцелар Шолц рече дека санкциите ќе бидат симнати кога рускиот претседател Владимир Путин „ќе прифати дека неговите планови“ во Украина „нема да успеат“/

„Има само еден излез за Путин, а тоа е да прифати дека неговите планови за Украина нема да успеат“, рече Шолц.

Германскиот канцелар истакна дека челниците во Г7 сакаат Русија да „плати максимална цена за инвазијата“.

„Г7 остануваа обединети во поддршката на Украина. Ние ќе продолжиме да ја одржуваме и јакнеме економската и политичка цена којашто мора да ја платат Путин и неговиот режим“, рече Шолц.