Макрон и Шолц се сретнаа во Париз, ги игнорираа прашањата за проблематичните односи

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц се ракуваа со насмеани лица при средбата во Париз, но ги игнорираа прашањата за тензичните односи додека влегуваа во Елисејската палата.

Шолц долета во француската престолнина на итно закажан работен ручек за да се најде заеднички јазик откако францускиот лидер минатата недела го одложи заедничкиот состанок на кабинетите поради разликите, од енергетската политика до одбраната, наведуваат дипломатски извори.

Шолц по разговорот кажа дека со Макрон имал „многу добар и важен разговор“ за снабдувањето на Европа со енергија, растечките цени и заедничките одбранбени проекти. „Германија и Франција стојат една покрај друга и заедно се соочуваат со предизвиците“, наведе Шолц на Твитер.

Пред доаѓањето на Шолц, портпаролот на француската влада Оливие Веран го намали значењето на разликите – кажа дека француско-германското дуо секогаш било во состојба да ги надмине разликите кои се појавувале од време на време. „Денешната средба докажува дека тоа пријателство опстанува“, кажа Веран.

Но, расте бројот на прашањата околу кои не се сложуваат Франција и Германија, двете најбогати и највлијателни членки на Европската Унија, од одбранбената стратегија на блокот до одговорот на енергетската криза, односите со Кина, па дури и фискалната политика.

ЕУ се обидува да постигне договор за тоа дали треба да се ограничат цените на гасот во одговор на руската војна во Украина. Тоа влијае и на европските планови за изградба на борбени авиони од следната генерација, проекти на гасоводи низ ЕУ и германските планови да ѝ дозволи на Кина да инвестира во нејзините пристаништа.

Минатонеделната одлука на Макрон за одложување на заедничката седница на владите ја истакна фрустрацијата на францускиот претседател. Берлин се правдаше со логистички тешкотии и ги ублажи тврдењата за раздор.