Макрон ќе го блокира секое проширување на Европската унија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во понеделникот дека ќе блокира секое проширување на Европската унија, откако земјите членки не успеаја да се договорат за именување на челниците на петте клучни институции на Унијата.

„Скептичен сум кога ни објаснуваат дека иднината на ЕУ е во ново проширување, кога ние 28 не можеме да се договориме. Одбивам секакво проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ,“ изјави Макрон.

Изјавата на Макрон доаѓа откако  лидерите на 28-те земји членки на ЕУ не успеаја да се договорат околу кандидатите за водечките позиции на институциите на Унијата, поради што по 18-часовни разговори го прекинаа Самитот започнат синоќа и неговото продолжение претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск го закажаа за вторникот.

Западните медиуми потсетуваат дека одлуката за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ за Македонија и Албанија  е одложена за октомври.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини во мај предупреди дека доколку со овие две земји наскоро не почнат преговори за членство тоа „ќе ја поткопа стабилноста и сериозно ќе наштети на натамошните реформи“.