Макрон му ветил на Зеленски поддршка за неговиот мировен план

Францускиот претседател Емануел Макрон го уверил својот украински колега по должност, Володомир Зеленски, во текот на телефонскиот разговор дека Париз ќе го поддржи неговиот план на меѓународната сцена, соопштија во неделата вечерта Елисејскиот дворец и Киев.

Телефонскиот разговор меѓу двајцата челници се случил откако во неделата претходно во парискиот неделник „Le Journal du Dimanche“, Макрон рече дека „сака пораз“ на Русија во Украина, предупредувајќи сепак дека има такви кои „пред сѐ сакаат да ја згазат Русија“.

Макрон „повторно ја потврди својата определеност за мировниот план во десет точки кој го предложи претседателот Зеленки и го увери дека ќе ја поддржи таа иницијатива на меѓународната сцена во текот на идните дипломатски настани“, истакнаа од Париз.

Зеленски, пак, на „Twitter“ го пофали „продолжувањето на пријателскиот дијалог“ со Макрон и потврди дека разговарале за „спроведувањето на мировниот план“.

Во телефонскиот разговор станало збор и за потребата од зголемување на воената поддршка за Украина, што беше изразено од лидерите на ЕУ и НАТО за време на Минхенската безбедносна конференција, која заврши во неделата, пренесоа медиумите.

Украинскиот претседател Зеленски повторно започна да го промовира својот мировен план во 10 точки, кој првпат го најави во ланскиот ноември, разговарајќи со американскиот претседател Џо Бајден, меѓу другите, и повикувајќи ги западните челници да одржат т.н. Глобален мировен самит, врз основа на неговиот план.

Украинскиот челник, обраќајќи им се на учесниците на самитот на Г20 во средината на ноември, ја објави формулата од десет точки. Меѓу неговите предлози се обезбедување радијацискао и нуклеарна безбедност, безбедност на храната и енергијата, ослободување на сите затвореници, враќање на територијалниот интегритет на Украина, што го подразбира и црноморскиот полуостров Крим, кој во 2014-та се врати во составот на Русија од која под комунистичките власти на СССР во 1950-те е административно припоен на Украина, повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, враќање на правдата, спротивставување на екоцидот, спречување на ескалација, одредување на крајот на војната. Подоцна американскиот весник „The Wall Street Journal“ објави дека соработниците на Зеленски го финализираат тој документ.

Москва повеќепати порача дека е отворена за мировни преговори со Украина, но дека не гледа вистинска подготвеност од страна на Киев за суштински преговори, посочувајќи дека Зеленски се повлече од речиси постигнатиот договор во Истанбул уште во март минатата година. Руската страна потсетува и дека украинскиот челник постојано ги менува точките од евентуалните преговори, како и дека со указ забрани преговори со Москва додека на власт е Путин.