Макрон: Не би рекол дека Русите вршат геноцид во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон одби да ги опише руските злосторства во Украина како „геноцид“.

Запрашан од новинарите на француската јавна телевизија дали би го употребил овој збор за да ги опише руските активности во Украина, како што тоа двапати го направи американскиот претседател Џо Бајден, Макрон рече: „Би бил претпазлив со таквите термини бидејќи станува збор за два братски народи (Русите и Украинците)“.

„Сакам да продолжам со обидите, колку што е можно, да ја запреме оваа војна и да го обновиме мирот. Не сум сигурен дека таквата ескалација на реториката служи за таа цел“, рече Макрон.

„Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека оваа ситуација е неприфатлива и дека е воено злосторство. Сведоци сме на невидени воени злосторства на нашата почва, на нашата европска почва“, рече Макрон.

Францускиот претседател, кој наскоро го очекува вториот круг од претседателските избори, истакна дека Франција соработува со Украина во истрагата за воените злосторства.

„Русија еднострано започна исклучително брутална војна и сега е утврдено дека руската армија извршила воени злосторства. Мораме да ги најдеме одговорните“, рече Макрон.