Макрон не се откажува од посетата на Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон не се откажува од посетата на Русија во мај, бидејќи е важно да се одржи дијалогот со Москва и покрај обвинувањата дека оваа земја е наводно вмешана во нападот со нервен агенс во Велика Британија, изјави во четвртокот шефот на француската дипломатија Жан-Ивес Ледријан.

„Мораме да го одржуваме отворен дијалогот со Русија“, изјави за радиото RTL, францускиот министер за надворешни работи.

Макрон треба во мај да учествува на традиционалниот голем економски форум во Санкт Петербург, иако односите меѓу Русија и Западот се веќе подолг период на најниското ниво по Студената војна и дополнително се влошени по случајот со труењето на поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во јужна Англија.

За првиот познат напад со хемиско оружје на европска почва по Втората светска војна, Лондон ја обвини Русија којашто „многу веројатно“ стои зад нападот, а во координирана акција Западот протера околу 130 руски дипломати.

Покрај тоа што ја отфрла секоја вмешаност во нападот, Русија посочува дека уште најмалку четири земји европски земји го развивале истиот нервен агенс како и поранешната советска војска. Москва, исто така, посочува и дека токму во близина на Солзбери, каде што е изведен нападот, постои британска воена база во која има хемиска лабораторија. Исто така, Русија ги обвинува британските тајни служби сакајќи да ја предизвикаат антируска хистерија за да го свртат вниманието на јавноста од проблемите со истапувањето на ЕУ.