Макрон повтори дека сака да ја види Меркел на чело на ЕК

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе ја поддржи кандидатурата на германската канцеларка Ангела Меркел за претседател на Европската комисија, доколку таа се кандидира.

Макрон ова го рекол на брифинг со новинарите по завршувањето на првиот ден од самитот на ЕУ, на кој лидерите не успеаја да се договорат кој да го замени Жан-Клод Јункер на раководното место.

„Немам ништо против кандидатура од Германија. Сум го кажал тоа и не се шегувам. Ако канцеларката биде кандидат, јас би ја поддржал, бидејќи сметам дека таа располага со квалитети и вештини да биде многу добар претседател на комисијата“, изјавил Макрон.

„Но, таа не го сака тоа, и длабоко ја почитувам нејзината одлука“, додал.

Францускиот претседател води кампања за блокирање на кандидатот на Меркел, Манфред Вебер, кој е заменик-претседател на баварската партија Христијанско-социјалната унија (CSU).

Меркел изрази загриженост поради недостиг од јасно мнозинство за Вебер, како меѓу лидерите на ЕУ, така и во Европскиот парламент.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.