11.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Макрон повторно кажа „не“ за Македонија

Францускиот претседател Емануел Макрон во Тулуз, на вечерашната заедничка прес конференција со германската канцеларка Ангела Меркел, го повтори ставот дека нема да има проширување на ЕУ со Македонија и со Албанија.

– Ја споделувам истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато, сега јас морам да им порачам: Овојпат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите – рече Макрон.

Макрон во изјавата ги поздрави реформите и дава признание за сѐ што е направено од страна на двете земји кандидатки, но сепак според него ЕУ не е подготвена во тесната европска куќичка да кани нови членки односно „другарчиња”.

Тој изјави дека место за Западниот Балкан во ЕУ има, но сегашниот начин на пристапување на нови членки е апсурден. За Макрон проблем за сегашниот случај е и бројот на азиланти од Албанија во ЕУ.

Тој повторно ја потенцира новата методологија за идно проширување и потребата „куќата“ (ЕУ) прво да се среди и реновира, затоа што некои сакаат внатре, некои сакаат надвор, но дека само некои плаќаат за реновирање на куќата.

Двете страни сакаат до утре да размислат како да најдат заедничка позиција на самитот на ЕУ, кои, како што наведе Меркел, треба да бидат прифатливи и за другите ЕУ-членки.