Макрон продолжува вербална војна со Болсонаро

Францускиот претседател Емануел Макрон се закани дека ќе го блокира договорот со Бразил и други држави на Јужна Америка поради пожарот кој беснее во Амазонија, поради, како што тврди тој, „лагите на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во врска со уништувањето на шумите“.

Со тоа продолжи вербалниот судир меѓу Макрон и Болсонеро. Бразилскиот претседател за време на викендот на својот Фејсбук профил ја навреди сопругата на Макрон, Брижит, потсмевајќи се на нејзините години, поради што медиумите и социјалните мрежи го нарекоа сексист.

Макрон, исто така, го обвини Болсонеро дека наместо да го одржи закажаниот состанок со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, тој отишол на фризер, повторувајќи дека Болсонаро го лажел.

– Тоа е тажно. Пред се за него, а потоа и за Бразилците, додаде Макрон.

Според Макрон, „бразилските жени сигурно се срамат да читаат такво нешто за својот шеф на државата“, изразувајќи надеж дека Бразил наскоро ќе има претседател кој ќе се однесува согласно стандардите на функцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.