Макрон реизбран за претседател на Франција, каде крајната десница зајакна

Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата е избран на вториот петгодишен мандат, победувајќи ја Марин Лепен којашто го оствари најдобриот изборен резултат на крајната десница од почетокот на Петтата Република во 1958 година.

Според првичните проекции, Макрон освоил 58,2 а Лепен 41,8 отсто од гласовите, разлика којашто тешко може да се надомести. Вториот круг, исто така, го каракетиризира и поголема апстиненција на избирачите од 28,2 отсто според процените на France24, додека на 10-ти април 26,3 отсто гласачи не излегоа на избирачките места.

Резултатот значи дека покрај традиционалното сојузување на сите против кандидатите на крајната десница во ткн „републикански фронт“ кога кај ривалот се слеваат гласовите од другите кандидати, Францизите се решиле довербата да му ја дадат на 44-годишниот либерал и центрист, деклариран проевропски политичар, наспроти 53-годишната радикална кандидатка која својата кампања ја градеше на платформата на „националниот приоритет“ и крајната критичност кон Европската унија.

Емануел Макрон, така, во неделата стана првиот француски претседател кому му успеа да го освои вториот мандат во изминатите 20 години, откако тоа го оствари, исто така поранешниот банкар но со централно десничарска ориентација, Жак Ширак во 2002 година. Ширак тогаш го победи Жан-Мари Лепен, таткото на сегашната противкандидатка на актуелниот француски претседател.

Сепак, овие избори ќе се паметат и по рекордната апстиненција на гласачите која институтот Ifop ја проценува на 27,8 отсто. Толку големо апстинирање во вториот круг не се памети од 1969 година, кога изнесувала 31,3 отсто.

Рефлексот „републикански фронт“, односно барикадата за крајната десница којашто се активираше и пред пет години, во неделата ослабе кај дел од гласачите кои не му се наклонети на Макрон за кого велат дека е арогантен и заштитник на богатите слоееви, односо во делот од гласачите кај кои се јавил замор од дуелите Макрон – Лепен.

Колку ова сојузување ослабело, зборува податокот дека Макрон во 2017 година освои 66,10 отсто од гласовите, далеку пред Лепен која тогаш освои 33,90 отсто од довербата на Французите.

Сега Лепен може да биде задоволна и горда, бидејќи успеа да достигне рекорден број гласови за крајната десница и сека нејзниот прв предизвик ќе биде освојувањето на мнозинството на парламентарните избори во јуни.

Пред Макрон, пак, е големата задача да ги обедините разединетите Французи и успешно да одговори на гневот на француските избирачи кои не се имотни, оние коишто тешко се справуваат со значителниот пад на животниот стандард и кои своето незадоволство го артикулираа со масовното граѓанско протесно движење Жолти елеци од 2018 и 2019 година, чии седмични протести ги запре пандемијата на коронавирусот. Но тие до денес не добија соодветен и уште помалку задоволувачки одговор на нивните барања.

Покрај тоа, Макрон ќе мора да одговори и на тензиите и стравовите нараснати поради континуираните кризи, од пандемијата преку војната во Украина до економскиот пад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.