Макрон со обновувањето на дијалогот Белград-Приштина ќе се обиде да ја врати Франција на Балканот

Француските медиуми истакнуваат дека Франција ќе се обиде да се врати во регионот на Балканот, објаснувајќи ја целта на посетата на нивниот претседател на Србија.

Очекувањата се дека Емануел Макрон ќе биде „тешкашот“ во дијалогот Белград – Приштина, кој е во застој, а ги забавува и евро-интегративните процеси на Србија. Се верува дека и Вучиќ и Макрон решението го гледаат во размената на територии, на што, пак, се противи Берлин, за да не дојде до повторна ескалација на национализмот. Всушност, размената на територии ќе значи и создавање на моноетнички држави, оценува угледниот весник Фигаро.

Колку ќе може Макрон да делува, за да ги врати Александар Вучиќ и Хашим Тачи на преговарачка маса, останува да видиме, бидејќи за напредокот на ова прашање се потребни САД и цела Европа.

Сепак, тој доаѓа со неколку предлози. Ако успее да го активира дијалогот, всушност ќе му се исполни целта –  ЕУ треба да се стабилизира од внатре, за да може да прима и нови членки, кои своите конфликти не би ги пренеле во новото семејство.

„ЕК имаше големи забелешки за сите земји на Западен Балкан, а кога Србија е во прашање, тука се гледа дека има големи недостатоци за независноста на судството, владеењето на законите, битката против корупцијата…Франција се нуди да и помогне на Србија да го прилагоди својот модел за влез во ЕУ со тоа што ќе ги отстрани овие недостатоци, и трета работа е секако прашањето со Косово. Велат дека тоа е експлозивно досие, кое мора да се среди пред Србија да влезе во ЕУ“, смета Драган Благојевиќ, дописник на агенција Бета од Брисел.

Вучиќ ќе треба да го убеди својот гостин дека Србија сега е поинаква земја, иако од декември се одржуваат масовни протести на кои граѓаните бараат слобода и осуда за непотизмот. Но, освен што Дачиќ ќе му пее песни, за Макрон е подготвен луксузен дочек, што веројатно ќе му годи , бидејќи себеси се смета за многу повеќе од неговите претходници, велат аналитичарите. Ова е прва посета на француски државник на Србија по 18 години, кога Белград го посети Жак Ширак.

Но, француско-српското пријателство потоа беше ставено во големо искушение, најмногу поради бомбардирањето на НАТО, а потоа и брзото француско признавање на независноста на Косово.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.