22.8 C
Skopje
среда, септември 28, 2022

Макрон вети дополнителни 100 милијарди евра за спас од корона кризата

Претседателот на Франција,  Емануел Макрон објави по скромната воена парада поради ковид-19, задолжително носење маска и дополнителни 100 милијарди за економско закрепнување на земјата по пандемијата.

Претходно, претседателот Макрон ја водеше мини-церемонија затоа што, за прв пат од 1945 година, властите ја откажаа воената парада на Елисејските полиња, по повод националниот празник Денот на Бастилја, во чест на 14 јули 1789 година, кога почна Француската револуција.

Планот за обнова на француската економија ќе претставува „најмалку 100 милијарди евра“, покрај 460 милијарди веќе најавени од почетокот на епидемијата, рече тој во интервју од претседателската палата.

Младите ќе бидат приоритет, во средиштето на стимулативните мерки, најави тој и ги претстави како „исклучителни мерки што ќе траат две години“.

За вработување млади лица, работодавците ќе бидат ослободени од придонеси, особено за нискоквалификуваните.

„Маските ќе бидат задолжителни на сите (затворени) јавни места и мерката, најверојатно, ќе стапи на сила од 1 август“, рече Макрон во интервјуто што се емитуваше по церемонијата и ги пофали војската, здравството и другите основни услуги што биле во првите редови на одбраната од Ковид-19.

Четиринаесет истакнати лекари во саботата повикаа на „задолжително носење маска на сите јавни места во затворено“ за да се избегне нов бран.

Индикаторите велат дека „епидемијата забрзува малку“ во Франција, една од најтешко погодените земји во Европа со скоро 200000 заразени и скоро 30 000 мртви, според универзитетот Џон Хопкинс.

„Мора да спречиме и да се подготвиме за нов бран ако се појави“, рече Макрон, велејќи: „Ќе бидеме подготвени“.

Тој, исто така, објави тестови за коронавирус достапни за сите, без потреба да ги препише доктор.

Најголем предизвик за Франција во следните шест месеци е очекуваниот бран на невработеност затоа што компаниите се принудени да отпуштат, рече тој и затоа подготвува проект за ублажување на тој удар, особено за младите што се појавуваат на пазарот ова лето.

Макрон рече дека нема да има зголемувања на даноците и ги повика компаниите да се воздржат од исплата на дивиденди бидејќи можеби ќе треба да ги намалат платите на работниците.

Тој додаде дека неговата пензиска реформа треба да се измени и дека владата треба да се фокусира на финансирање на пензискиот систем по економската криза предизвикана од пандемијата.

Најавата за пензиска реформа предизвика масовни протести од страна на „жолтите елеци“ минатата година и владата ја стопира, но Макрон сега истакна дека на Франција и се потребни пензиски реформи во наредните години и смета дека предложениот систем е добар, и покрај спротивставувањето на синдикатите и работодавците.

Утрото, на плоштадот Конкорд се одржа мини парада, на која учествуваа околу 2.000 војници, половина од вообичаениот број, а им се придружија здравствени работници следени со аплауз од самиот претседател Макрон и неговата придружба.

Немаше оклопни возила или толпа во центарот на Париз, но елитните пилоти ги нацртаа боите на француското знаме во воздухот, а честа да учествуваат во тој лет имаа и тројца здравствени работници.

Планот за зголемување на платите на болничкиот персонал предвидува вкупно 8 милијарди евра, објави Би-Би-Си, од кои 183 евра е зголемување на платата за помошниот персонал во болниците.

Францускиот претседател понатаму рече дека сака „што е можно поскоро“ да ја зацврсти борбата против глобалното затоплување во францускиот устав.

Тој го најави обновливи извори на енергијата, особено на училишните и домовите за пензионери и реновирање на железничкиот сообраќај.

Одбележувањето на националниот празник ,14 јули започна со почит кон генералот Шарл де Гол, бидејќи оваа година се одбележува троен јубилеј: 130 години од неговото раѓање, 50 години од неговата смрт и 80 години од неговиот повик за отпор на 18 јуни 1940 година.

Во интервјуто, Макрон ја претстави својата програма за иднината на земјата, откако го смени премиерот и ја смени владата.

Започнуваат последните 600 дена од неговиот петгодишен мандат и се очекува да се кандидира за реизбор во 2022 година.

И вечерта на националниот празник ќе биде различна во цела Франција, каде обично се одржуваат огномети во градовите, но истите се откажани оваа година, па дури и огнометот во Париз нема да може да се следи во живо од страв од нов бран епидемија што однесе повеќе од 30 000 животи во Франција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.