Макрон во Либан се заложи за што поскоро формирање стручна влада

26

Францускиот претседател Емануел Макрон повика во понеделникот вечерта, по пристигнувањето во Либан, на „што поскоро“ формирање „стручна влада“, неколку часа по именувањето на мандатарот во земјата зафатена со тешка политичка и економска криза.

„Видов дека во изминатите часови се придвижил процесот кој го изнедри премиерот. Не е мое да одобрувам и потврдувам (…), туку да се уверам дека навистина што поскоро ќе биде составена стручна влада која ќе ги спроведе реформите“, изјави Макрон веднаш по слетувањето на аеродромот во Бејрут.

„Мојот став секогаш е ист, да се бара и да не се меша“, додаде францускиот претседател.

Макрон, кому ова му е втора посета на Бејрут по трагичната експлозија од 4-ти август во која загинаа најмалку 190 луѓе, со своето повторно доаѓање сака да придонесе за излегување на земјата од кризата и да ја прослави стотата годишнина од основањето на Голем Либан кој во денешните граници на 1-ви септември 1920 година го прогласи францускиот генерал Анри Гуро.

„Утре ќе имаме можност не само да ја одржиме комеморацијата, туку и да се направи обид да се извлечат поуки од неа и да се направат подготовки за иднината“, рече Макрон.

Емануел Макрон, кој е придружуван од министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан и министерот за здравство и меѓугенерациска солидарност Оливие Веран, на бејрутскиот аеродром ги пречека либанскиот претседател Мишел Аун.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.