Макрон во понеделник ќе се сретне со синдикалистите и локалните функционери

Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во 10 часот ќе се сретне со претстваници на синдикатите, здруженијата на работодавачите и со локални функционери по седмицата насилни протести против високите животни трошоци, соопшти во неделата извор близок на Елисејскиот дворец.

Средбата на претседателот на Петтата Република со синдикалистите и претставнции на локалните власти ќе се одржи по четвртиот викенд на насилни протести на неформалното движење „Жолти елеци“, во кои имаше многу повредени и приведени, а многу продавници и локали ширум земјата се вандализирани и оштетени со неработењето.

„Претседателот сака да ги собере, политичките, територијалните, економските и социјални сили во овие тешки моменти, за да ги слушне нивните предлози и ставови, како и да ги вклучи во решението на ситуацијата“, рекол неименуваниот извор за агенцијата AFP.

Макрон со нив ќе разговара откако во саботата ширум Франција на протестите на „Жолтите елеци“ учествуваа 136.000 демонстранти, а повторно беа обележани со насилства и многу апсења.

Според весникот L’Opinion, „целта на состанокот е на неговите учесници да им се изнесат мерките за коишто претседателот ќе ги извести своите сонародници подоцна во текот на денот“.

Претставниците на локалните власти на 30-ти ноември ги прими премиерот Едуар Филип. Од него тогаш бараа да преземе брзи и конкретни мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.