Макрон жали поради доцната изборна кампања, Лепен ја намалува разликата

Актуелниот француски претседател Емануел Макрон изрази во петокот жалење затоа што доцна ја започна предизборната кампања, а според истражување на јавното мнение во моментов има само мала предност пред кандидатката на крајната десница Марин Лепен, за којашто тој предупреди дека би ги истерала странските инвеститори од Франција.

Лепен изминатите седмици скокна во анкетите и го намали убедливото водство на Макрон, со кого најверојатно ќе се соочи во вториот кргуг, а чиј избор пред неколку седмици се чинеше речиси потполно извесен.

Макрон сѐ уште води во анкетите за вториот круг кој ќе се одржи на 24-ти април, но сега неговото водство е во маргините на статистичката грешка.

„Кој пред шест седмици можеше да сфати дека одеднаш требаше да започнам со политички собири, дека требаше да се фокусирам на домашните прашања кога започна војната во Украина“, рече Макрон за радиото RTL.

„Значи, факт е дека влегов (во кампања), дури и подоцна отколку што посакував“, рече Макрон и додаде дека го задржал „духот на освојувања, а не на порази“.

Доколку Лепен биде избрана подоцна месецов, нејзината социјална програма ќе ги истера меѓународните инвеститори од Франција, оценува Макрон во интервјуто за дневниот весник Le Parisien.

„Нејзината програма ќе создаде огромна невработеност, бидејќи ќе ги избрка меѓународните вложувачи и буџетски нема да издржи. Нејзините основи не се променети: тоа е расистичка програма чијашто цел е да се направи поделба во општеството и многу е брутална“, додава Макрон.

Лепен во петокот за радиото France Info одговори дека „Емануел Макрон не ја знае мојата програма…. сигурно мисли дека тоа е програма на (кандидатот на крајната левица) Жан-Лук Меланшон“.