Максим Димитриевски рече дека СДСМ е „киднапирана“, Заев го исклучи од партијата

Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитреивски, кој дојде на функцијата како кандидат на СДСМ, веќе не е член на владејачката партија, која денеска објави дека ќе оди со друг кандидат на претстојните локални избори.

Новиот кандидат на СДСМ, Оливер Илиевски, кој се смета за партиско протеже на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е секретар на општинската организација на социјалдемократе, практично, ќе му биде противкандидат на Димитриевски, кој минатата седмица собра потписи за независен кандидат, соочен со тактизирањата на партискиот врв околу утврдувањето на кандидатурата за најголемата општина во државата.

Со овој потег, Димитриевски влезе во отворен конфликт со партискиот врв.

Генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, денеска промовирајќи го новиот кандидат за Куманово, рече дека Димитриевски сам се исклучил од партијата. Тој нагласи дека СДСМ има само еден кандидат во Куманово, алудирајќи на забелешките во јавноста дека во најголемата општина во државата СДСМ ќе се натпреварува против СДСМ на овие избори.

Од СДСМ нема засега официјален одговор кој партиски форум ја донел одлуката за исклучување на Димитриевски, односно дали тоа се случило на синоќешната седница на Извршниот одбор. Сепак, високи партиски извори потврдуваат дека исклучувањето е завршена работа.

„Согласно статутот на СДСМ, со ваквата одлука на Димитриевски автоматски се исклучува од членството во СДСМ“, одговориле од партијата за порталот 360 степени..

Денеска СДСМ објави дека нема да им даде втора шанса на досегашните градоначалници на Центар, Струмица, Битола, Радовиш, Крива Паланка … Претходно, владејачката партија, која на минатите избори освои повеќе од две третини од општините во земјава, избра други кандидати за градоначалници и во Прилеп, Аеродром, Карпош, Велес.