„Макстил“ со нето добивка од над 5,3 милиони денари ја заокружи 2013-та година

Металуршкиот гигант „Макстил“, и покрај потешкотиите, изминатата 2013-та година ја заокружи со нето добивка во висина од пет милиони 377 илјади денари, односно околу 87.500 евра.

„Со дополнителни финансиски интервенции на акционерите покриени се трошоците, и тоа првенствено фиксните, и е остварен краен позитивен резултат од 87.500 евра“, стои во Извештајот за работењето на „Макстил“ за 2013-та година, објавен на Македонска берза.

Деловната 2013-та, како што стои во документот, бeше обременета со дисконтинуирано производство, отежнат пласман на производите, пад на продажните цени и ред други неизвесности карактеристични за глобалниот пазар на челик и челични производи, а сето тоа е поврзано со се’ уште присутната рецесија особено во европската економија.

„Макстил“ лани произвел 154.281,8 тони лим, што е пад од над 30 отсто во споредба со 2012-та година, што, како што се наведува, е основна причина за намалување на приходите по сите основи за 32,5 отсто.

Оперативните приходи во текот на минатата година, според Билансот на успех, исто така достапен на Македонска берза, биле на ниво од три милијарди 494 милиони и 334 илјади денари, додека во 2012-та година тие биле на ниво од пет милијарди 202 милиони и 353 илјади денари.

Приходите од продажба во текот на изминатата година биле три милијарди 490 милиони 204 илјади денари, од кои 688 милиони 754 илјади денари се реализирани на домашен, а остатокот од две милијарди 801 милион и 405 илјади денари се на странски пазари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.