Мал шенген за Србија, Македонија и Албанија е идеја која треба да згасне

Во време кога сме условно пред вратите на НАТО и со можности за отпочнување преговори со Европската Унија, чудна е идејата да влеземе во економска дива градба „мал шенген” со Србија која има различни определби од македонските во надворешната политика, особено во пристапување кон Северноатланската алијанса, додека македонските ЕУ и НАТО определби, се повеќе од јасни. Од друга страна Албанија во сите извештаи на ЕУ е чекор зад нас во напредокот и оваа насока на превземање чекори за заедничко економско делување не би придонело значително за наш побрз развој, порачува претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

– Како да не ни беше доволно тоа што сме сегрегирани во гетото Западен Балкан, сега во уште помал формат ќе се изолираме во „мал шенген“, со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. По ретрограден став од овој одамна не е понуден, мал шенген за Србија, Македонија и Албанија е идеја која треба да згасне уште пред да се роди. Зошто би правеле вакви микро економски сојузи кога целта треба да ни е да ги спроведеме структурните економски реформи потребни да станеме дел од единствениот економски пазар на Европската Унија, а не вечно да чекаме пред вратите на ЕУ како диво месо отцепено од интеграциите со утеха на тоа дека сме дел од некаков „мал шенген”. Не, благодариме – вели Арсовска.

Според неа, под изговор дека економското здружување е важно и дека ова е чист економски интерес за нашите земји да ги отстранат царинските и трговските бариери, се заговара нова изолација во микро регион каде Белград ќе ги води Скопје и Тирана во економски поход.

– За Србија имаме одлична геостратешка позиција и важно е Србија да има пристап до Грција и албанските пристаништа. Но што ќе има Македонија од овој концепт, освен пристап до затворен систем од три држави кои наместо да се интегрираат во ЕУ, ќе бидат убедувани дека одлично е и ова решение. Кога на исток и југ граничиме со земји на ЕУ логично би било приоритет да ни е зголемување на таа соработка и интеграција кон единствениот економски пазар на ЕУ – потенцира Арсовска.

Иницијативата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за создавање на таканаречен „мал шенген“ со Албанија и Србија, како земји во регионот кои се многу мали за да влијаат врз економските показатели во Европа е тема која е актуелна изминатава недела.

Српскиот претседател пред неколку дена, најави дека премиерите на Северна Македонија и на Албанија, на 9 и 10 октомври во Србија ќе присуствуваат на состанок посветен на отстранување на царинските бариери или како што е истакнато, со нив ја иницирал идејата за понатамошно отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на трите држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги, односно создавање на еден вид „мал шенген“.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.