Малиот Авганистан – за прикривање на големиот пораз

страшо ангеловски

Во светската јавност, која нема ниту потреба ниту можност да се занимава со глупостите и катастрофалните последици од аматерското владеење на една истрошена Влада во галопирачко заминување како што е нашата, се’ уште траат наметнатите полемики околу американското бегство од Авганистан, талибанската „победа“ и иднината на регионот.

Една работа станува повеќе од јасна – повлекувањето од Авганистан се користи за да се сокрие целосниот неуспех и катастрофалниот крај на повеќедеценискиот концепт на американската надворешна политика со насилно наметнување „демократија“ на просторите на Блискиот исток и Северна Африка (MENA – Middle east and North Africa). Имено, поразот на агендата на либералниот интервенционизам во обидот за создавање нов Блиски исток е видлив и со голо око од Тунис на запад до Авганистан на исток.
Воените интервенции на САД и сојузниците во Ирак и Либија со користење на употребливите локални елементи од корпусот на исламскиот екстремизам во програмираните револуции на таканаречената Арапска пролет, а заради уривање на „диктаторските режими“, се претворија во најсурово воено боиште и зона на самракот на светската цивилизација.

Интензивните воени дејствија на овие простори траат веќе неколкупати подолго од двете светски војни заедно. И, колку за пример, секој час, тамошните завојувани страни и „гостинските“ армии детонираат стотини тони експлозив, кревајќи во воздух огромни количества пустински песок, ситни честички од метал и пластика, како и отровни канцерогени честички кои одат во повисоките слоеви на атмосферата, а потоа, носени од ветровите и дождовите паѓаат и на тлото на Европа. Но, смешната Грета Тунберг и нејзините уште посмешни другарчиња од „зелените“ партии, тоа воопшто не ги интересира бидејќи се зафатени со вториот дел од агендата на либералниот интервенционизам – шарените и обоени промени на легални и легитимни власти.

ДА ОДИМЕ ПО РЕД

Тунис е во економски и политички распад; Либија гори растргната меѓу завојуваните фракции како посреднички армии на Франција, Италија, САД, Велика Британија, Турција, Русија и арапските заливски монархии, пред се’, Обединетите Арапски Емирати; Сирија е во бесконечна граѓанска војна, со присуство на американски, европски, руски и турски воени сили, но и ирански воени формации; Ирак е поделен меѓу сунитите, шиитите и Курдите кои се наоѓаат во перманентна хибридна граѓанска војна, која секој момент може да ескалира, а по неговата територија слободно патролираат и ирански воени структури, што пред американско-британската интервенција беше незамисливо.
Притоа, не смееме да заборавиме дека внатрешните судири и воени пресметки во Ирак започнаа за време на американската формална окупациска управа, која според меѓународното право е одговорна за она што се случувало под нејзина контрола.
Ете вака денес изгледа картата на „новиот“ Блиски исток, длабоко „демократизиран“ од САД и сојузниците, па затоа токму тие се обидуваат погледите на светската јавност да ги вперат само кон Авганистан, за да го сокријат големиот неуспех, но, уште повеќе, да купат толку неопходно време во создавањето нова парадигма на американското и европското присуство на овие простори.

Иако и за лаиците, а посебно за воената логика и луѓето од струката, беше повеќе од јасно и дел од нив го вклучуваа црвениот аларм како предупредување, политиката на американската администрација упорно бараше вкопување во Авганистан заради реализирање на грандиозниот план на геополитичка трансформација на Блискиот исток по мерка на американските и дел од европските геокеномски и геополитички интереси.
Таквото „удирање со глава во ѕид“ доведе до грандиозен пораз токму на таквата погрешна либерално интервенционистичка политика, кој пораз своето продолжение ќе го има и во земјите со шаренообоени револуционерни инсталирања на „демократски“ вазални а неспособни Влади.

КОЈ ЈА СОЗДАВА АМЕРИКАНСКАТА СТРАТЕГИЈА?

За да си го знаеш пријателот, или непријателот, сеедно, посебно во политиката, треба да влезеш во самиот корен на нештата. За жал, оние кои се занимаваат со политика во државава, најдалеку допреле до американската поделба на Демократи и Републиканци, според нив – леви и десни, па според таквата поделба и се однесуваат и ги подготвуваат своите длабокоумни „стратегии“. Па, неретко ќе чуете изјави од типот „ех кога ќе дојдат републиканците на власт“, или „штом дојдат нашите демократи на власт“, на кои треба да им се насмеат и малите деца.

Имено, работите не се толку едноставни како што изгледаат во полупразните глави на дел од македонските политичари (ако воопшто смеат така да се наречат), поточно, во случајните минувачи во македонската политика. Геополитичката и геоекономската стратегија на САД, онаа се’ уште важечката, онаа која доведе до самрак на „империјата“, е создадена некаде во седумдесеттите години од минатиот век после американското повлекување од Виетнам. Тоа е стратегија создавана под влијание на силната струја на американската политика збрана во моќниот неформален дуопол (duopol). Дуопол како термин се користи во економијата и претставува вид на олигопол кога две фирми се единствени на пазарот, или имаат доминантна или ексклузивна контрола врз пазарот. Имајќи целосно влијание, тие ништат се’ пред себе.
Во американската политика дуополот, како политичко средство за „ништење се’ пред себе“ го претставуваат политичките лидери од редовите на демократите, но и од корпусот на републиканците познати како неоконси (neocons), кои веќе со децении ја креираат американската надворешна политика. Неоконсите се неоконзервативци чија идеологија е дел од конзервативните политики, а кои ја користат економската и воената моќ на САД за справување со „непријателските режими“ и воспоставување „демократии“. Неоконсите стануваат посебно моќни во време на Џорџ Буш помладиот, а можеби највлијателен од нив беше „човекот од сенка“, Дик Чејни. Тој ја воведе во практика теоријата за унитарен владетел (unitary executive), која произлегува од американското уставно право, а која претпоставува дека американскиот претседател има неограничена, апсолутна моќ.

Единствено, појавата на Доналд Трамп како претседател не беше испланирана од демократско-неоконзервативниот дуопол и воведе дисконтинуитет во нивниот либерално интервенционистички концепт на надворешната политика, но брзо-брзо се созедоа и заеднички успеаа во многу нешта да го блокираат, а потоа и да го тргнат од власт. Денес, неоконсите се враќаат на голема врата, а нивен идеен предводник е Роберт Каган, соосновач на PNAC (Project for the New American Century), Проект за новото американско столетие. Тие се и врската на власта со Вол Стрит, односно со американскиот капитал, а за да се спознае до крај нивната моќ доволно е само да се каже дека сопруга на Роберт Каган е Викторија Нуланд, потсекретар за политички односи на Стејт Департментот, трета по моќ функција во САД, после Бајден и државниот секретар Блинкен. Главна цел на нивниот концепт на американската надворешна политика претставуваше долгорочното американско и европско присуство на просторите на Блискиот исток и Северна Африка и политичко и економско влијание заради создавање претпоставки за, читајте внимателно, можна интеграција на тие простори во единствена геополитичка целина со Европа и поврзаност во евроатлантските интеграции.

Трагичен резултат на таквата политика се бесконечните војни на тие простори и реките мигранти кои треба да бидат сврзното ткиво на таквата геополитичка целина, а чиј број до крајот на оваа деценија треба да изнесува околу 30 милиони „бегалци“. Сега, вака поразени и понижени, се соземаат и подготвуваат нова стратегија и методологија за остварување на истите долгорочни цели. Затоа, највнимателно треба да се следи нивното делување, нивните стратегии и да се гради однос на македонската надворешна политика кон нештата кои може да предизвикаат целосно менување на демографската и демократската слика на Македонија. Додека не е доцна.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.