Малолетници се заканувале по живот и со палење куќа во скопско Радишани

Група малолетни лица се пријавени ноќта кон саботата во скопската населба Радишани за напад и закани по животот на двајца сопружници кои во семејната куќа го прославувале роденденот на своето дете, инфромираа од СВР Скопје.

Изминатата ноќ околу 2 часот по полноќ Т.Т. од Радишани пријавила во ЕИК Скопје дека ноќта околу 22,15 часот додека прославувале роденденска забава на нивното дете во дворот од семејната куќа во Радишани, дошла поголема група малолетнци кои почнале недолично да се однесуваат, да пцујат, да се закануваат по нејзиниот и животот на нејзиниот сопруг, како и да се закануваат дека ќе ја запалат куќата.

Во еден момент неколку од малолетните лица се приближиле до нивното патничко моторно возило „пежо 206“ и почнале да го удираат со раце и нозе при што го оштетиле.

Трите малолетни лица цело време додека го кршеле нивното возило се заканувале дека ќе ги убијат и ќе им ја запалат куќата. Поради нивното агресивно однесување, оштетените заедно со присутните на роденденската прослава се повлекле во внатрешноста на дворот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.