Малта ќе им дозволи пристап на нејзина територија на 49-те мигранти кои од минатиот месец се блокирани на два хуманитрани брода во близина на нејзините територијални води, соопшти денеска малтешкиот премиер Џозеф Мускат.

Владата на Малта на социјалната мрежа Твитер соопшти дека е постигнато ад хок решение помеѓу осум земји членки на ЕУ за прием на овие мигранти, меѓу кои се наоѓаат и деца, жени и адолесценти без придружба.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос на Твитер ја поздрави одлуката на Малта да им дозволи на мигрантите да ги напуштат бродовите.

Среќен сум што нашите напори за симнување на мигрантите од бродовите во Малта дадоа резултати и дека сите кои се наоѓаат таму во овој момент излегуваат. Ја поздравувам Малта за дозволата за влез и земјите членки кои покажаа активна солидарност за прием на мигрантите, напиша Аврамопулос.

Двата хуманитарни брода, „Си Воч 3“ и „Си Ај“ пред Нова година ги спасија 49-те мигранти во водите на Средоземното Море и оттогаш се наоѓаат близу Малта, но властите во Ла Валета досега не им дозволуваа пристап на нивна територија, се’ додека не се изнајде решение на европско ниво за распределување на барателите на азил.

Европската Комисија со денови разговараа со земјите членки за изнаоѓање решение. Според дипломатски извори во Брисел, за прием на дел од мигрантите врз основа на заеднички договор се изјасниле Германија, Франција, Холандија, Луксембург, Ирска, Романија, Малта, Португалија и Италија. Шпанија би можела исто да прифати дел од мигрантите, но потсетува дека на 22 декември веќе прифати 300 мигранти спасени од шпанска невладина организација близу Либија.

Главен камен на сопнување во овие преговори е фактот што Малта бара да бидат распоредени и дополнителните 200 мигранти, спасени и прифатени на нејзина територија минатиот месец.

Германските хуманитарни организаци кои менаџираат со двата брода вчера ги повикаа земјите на Европската унија итно да ги прифатат 49-те мигранти, предупредувајќи дека нивната здравстевна состојба се влошува.

Невладините организации соопштија дека морале да воведат штедење на водата за пиење на бродовите, прашувајќи „дали некој од мигрантите треба да почине за да се најде решение“.