Малта вторпат без струја за еден месец

EPA/DOMENIC AQUILINA

Цела Малта во понеделникот, вторпат за помалку од еден месец, остана без електрична енергија, а поради изгаснатите семафори на улиците настана невиден хаос.

Без струја останале домаќинства, деловни објекти и фабрики, а целосниот прекин во снабдувањето со електрична енергија го потврди „Enemalta“, државната компанија за снабдување со електрична енергија. Прекинот се случил околу 8 часот утрото, а снабдувањето постепено се воспоставува.

Како причина е наведен проблем со кабелот преку кој Малта се снабдува со електрична енергија од Сицилија. Причина за прекинот на струјата во целата земја на 26-ти ноември, исто така, бил проблем со кабелот од Сицилија до Малта.

Сопствените капацитети се доволни за снабдување со електрична енергија на целата островска држава. Меѓутоа, „Enemalta“ вообично се потпира на снабдување од Сицилија бидејќи е поевтина.

Најновото „затемнување“ доаѓа во непријатно време, само два дена пред католички Божик па луѓето не можеа да ги извршат пазарењата со кретидните картички. Аеродромот на Малта не беше погоден од прекинот на струјата, бидејќи користи помошни генератори.