Малтешкиот премиер ги отфрла критиките од синот на убиената новинарка

Малтешкиот премиер Џозеф Мускат ги отфрли во четвртокот тврдењата на синовите на убиената новинарка Дафне Каруана Галиција дека Малта е земја во којашто доминираат „стравот, недовербата, криминалот и корупцијата“.

„Дефинитивно не е. Но, не сакам да се втурнам во коментари за тврдењата и изјавите на синот кој е во жалост. Да ја пронајдев јас својата мајка измасакрирана во бомбашки напад, веројатно би рекол многу полоши работи“, изјави премиерот на Малта, Џозеф Мускат.

Педесет и три годишната истражувачка новинарка и блогерка Дафне Каруана Галиција, беше убиена во понеделникот во експлозија на бомба во нејзиниот автомобил, само неколку метри од нејзиниот дом. Беше голем критичар на актуелната влада и имаше голема читателска публика, како на Малта така и во странство.

Метју Каруана, еден од тројцата синови на убиената новинарка, ова тврдење го објави на својот профил на Facebook, со потписите на другите двајца браќа.

Нивната мајка објавуваше текстови за ткн Панамски документи, глобалниот скандал во кој беа вмешани и двајца членови на малтешката влада, што придонесе за предвремените парламентарни избори во јуни годинава.

Премиерот понуди награда за секој кој има информација за атентатот, но синовите тоа го одбија и го повикаа да си поднесе оставка, истакнувајќи дека би требало да ја преземе политичката одговорност за првото вакво убиство на Малта од 1964 година.

Каруана Галиција целата изминатата 2016 година објавуваше написи за наводна корупција, во којашто се вклучени премиерот Мускат и неговите соработници. Објави и текст дека сопругата на малтешкиот премиер Мишел добила милион долари од ќерката на азербејџанскиот претседател преку адвокатската компанија „Мосак Фонсека“, којашто е регистрирана на Панама и којашто стана светки позната по објавувањето на „Панамските документи“.

Со објавувањето на „Панамските документи“ откриен е еден од најголемите светски корупциски скандали во историјата. Станува збор за интерни документи на компанијата „Mossack Fonseca“ којашто служела како голема перална на пари. Првичните најави беа при објавувањето на овие документи дека се откриени лица и роднини на источните челници, како на рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Кси Џинпинг, но откако во медиумите се појавија имиња на западните челници, скандалот необјаснето стивна, а влијателни американски аналитичари ја проширија тезата дека аферата е подметната од руската тајна служба.

Полицијата верува дека бомбата со којашто е убиена познатата новинарка на Малта била поставена под автомобилот и дека далечински е активирана. „Собраните докази упатуваат дека бомбата е поставена под возилата и активирана со далечински управувач“, изјави портпаролката на малтешката влада.

Европскиот парламент следната седмица, поттикнат од овој инцидент на Малта, ќе расправа за заштита на новинарите и слободата на медиумите во оваа земја. Парламентот во вторникот ќе одржи расправа за „заштита на новинарите и одбрана на слободата на медиумите на Малта“, се вели во нацртот на дневниот ред кој е усвоен во четврток.

„Малта е Мека за оние кои перат пари и избегнуваат да ги плаќаат даноците“, изјави европарламентарецот Зелените, Свен Гиеголд.