Мамиќ не се враќа во Хрватска, Загреб ќе распише меѓународна потерница

Здравко Мамиќ, еден од најмоќните и најконтроверзни луѓе во хрватскиот фудбал, е осуден на шест и пол години затвор за извлекување на  16 милиони евра од „Динамо“ Загреб, со што ја оштетил државата за речиси два милиони евра. Извлекувањето на парите се одвивало преку трансферите на фудбалерите на „Динамо“, како Лука Модриќ, Дејан Ловрен кои сведочеа на судењето, но дадоа контроверзни изјави во полза на Мамиќ. Покрај затворската казна Мамиќ на државата ќе треба да и врати 8 милиони евра поради затајување данок и нелегални трансфери. Неговиот имот е запленет.

Ден пред изрекувањето на пресудата, Здравко Мамиќ замина во Босна и Херцеговина. И останатите тројца не се појавија во судот денеска.
Мамиќ по пресудата рече дека останува во БиХ, негова втора татковина и чие државјанство го има. Ако хрватските власти побараат од босанските да го уапсат, тој може да се повика на државјанството па да не бие екстрадиран.

Останувам во Бих, не сум кукавица и тоа го знае целиот свет, ама не сум ниту мазохист. Борбата која ја најавувам ќе ја водам од слобода. Останувам тука, не мислам да се вратам пред да биде изречена правосилната пресуда, изјави Мамиќ, кој најави жалба на Врховниот суд.

Тој не ја исклучи можноста како државјанин на БиХ да побара судската постапка да се води против него во Босна.

Покрај Мамиќ, судот во Осиек им додели високи казни и на тројца други сегашни и поранешни функционери на хрватскиот фудбалски шампион. Братот на Здравко Мамиќ, Зоран, доби четири години и 11 месеци затвор, Давор Врбановиќ – три години, а Милан Пернар – четири години и два месеца.
Ова е веста на денот која за експресно краток период го обиколи регионот, но и одекна доста силно низ Европа.