МАН ја поздравува реакцијата на МВР за случаите со двете новинарки, очекува разрешница за случаите

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ја поздравува брзата реакција на Министерството за внатрешни работи за разрешница на последните закани до новинари.
– Министерот Чулев вети дека ќе се грижи за безбедноста и сигурноста на новинарите и медиумските работници и затоа МАН ја поздравува брзата разрешница на заканите кон новинарките Искра Коровешовска и Мери Јордановска. Ваквиот чекор ја зголемува безбедноста при извршување на новинарската професија, а истовремено придонесува да се зголеми уверувањето дека сите мора да ги почитуваат законите и Уставот.
Истовремено, потсетуваме дека постојат десетици нерешени случаи на насилство, закани и напади кон новинари и медиумски работници со цел да им се ограничи слободата на изразување, кои очекуваме во следниот период да бидат разрешени.
Правото на слобода на изразување не го вклучува само индивидуалното право на слобода на изразување, туку и остварувањето на истото од страна на медиумите. Нашата земја ги има ратификувано меѓународните правни акти и инструменти, гарантирајќи и регулирајќи ја заштита на правото на слободата на изразување. Со тоа Република Македонија има обврска за почитување, гарантирање и заштита на слобода на изразување кое во исто време е инкорпорирано во член 16 од Уставот на РМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.