МАН: Не сме изненадени од обидот на власта да воспостави партиска контрола врз медиумите

Не сме изненадени од обидот на власта за воспоставување партиска контрола врз медиумите во Македонија и со загриженост го следиме процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  инициран од група пратеници од власта, се истакнува во соопштението кое во средата го објави Македонската асоцијација на новинари (МАН).

Во овој предлог се бара изборот на членови на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на Аагецијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во Собранието на Република Македонија да биде со 61 пратеник, односно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско мнозинство, како што е тоа уредено со постоечката регулатива“, се истакнува во соопштението на споменатата новинарска асоцијација.

Дека власта сака целосна партизација на МРТВ и АВМУ, се наведува во продолжение на реакцијата на МАН, покажува и фактот дека крајно нетранспарентно, без одлука на Собранието, пратениците од владејачкото мнозинство самостојно одлучија да го поништат претходниот конкурс за избор на членови на Советите на МРТВ и АВМУ.

„Пред евентуално да се размислува за какви било промени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, неопходно е Собранието да ги избере новите членови во советите преку постоечкиот закон.

Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не е само желба за контрола врз МРТВ и Агенцијата за медиуми, туку обид за контрола врз сите медиуми во Македонија со просто мнозинство од 61 пратеник, бидејќи токму АВМУ е надлежна за контрола на нивното работење.

Принцип е кога се менува закон со кој одлуки се носат со двотретинско мнозинство, и менувањето на тој закон да е со 2/3 мнозинство.

Ако мнозинство со 61 одлучува за сите медиуми во државава тоа е партиска одлука од интерес за само една политичка страна, а тоа е страната на власта.

Медиумите припаѓаат на јавноста, на сите, и затоа досега, а треба и во иднина, решенијата за регулација на медиумите да бидат со што е можно поширока поддршка, со 2/3 мнозинство гласови во Собранието“, додаваат од МАН.