МАН: Обвинителите да ги бркаат сторителите, а не новинарите и медиумите

Македонската асоцијација на новинари (МАН) бара од Основното јавно обвинителство (ОЈО) да не ги притиска новинарите да ги откриваат своите извори, бидејќи тоа е спротивно на Член 3, став 2 и член 12, став 1 од Законот за медиуми, потоа член 2, став 4 од Законот за укажувачи, како и цел член 6 од Законот за свиркачи, а спротивно е и на меѓународните новинарски стандарди на ЕФЈ и ИФЈ.

„Новинарот не е должен да ги открива изворите на своите информации и ниту еден закон од домицилна држава не може да го прунуди на тоа.

Го поддржуваме ОЈО да ги истражува делата и сторителите на тие кои се посочени во новинарски текстови, особено доколку се документирани со фотографии, ауди-видео снимки и/или документи.

Но, не може да се бара од новинарите да ја вршат работата на истражители.

Ова се однесува особено на фактот дека новинарот и уредник Љупчо Златев е повикан на распит по кривична пријава поднесена до ОЈО од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

МАН потсетува на Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа, каде наведено е: „Јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“, реагираат од МАН.