МАН: Сашо Орданоски ги прекрши медиумските закони и новинарски кодекси

Македонската асоцијација на новинари (МАН) смета дека се прекршени сите правила на професионално однесување и известување, како и сите етички норми во Кодексот за известување, пропишани од новинарските здруженија во синоќешната емисија “Печат на неделата” на уредникот и водител Сашо Орданоски на 1ТВ, во која гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Новинарот има право слободно да се изразува и има право на изразување лични ставови во форма на несогласување согласно Член 11 од законот за медиуми. Но, агресивното и скандалозно бранење на политички ставови, истовремено проследено со обвинувања и дискриминација заради поинакви политички уверувања, прекршување на начелата за почитување на достоинството на личноста, пресумпција на невиноста, објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења е спротивно на Член 48 и Член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги. Затоа, МАН ја повикува Агенцијата за аудиовузулени и медиумски услуги да го разгледа овој случај и да ги преземе сите мерки кон 1ТВ. Истовремено, ги потсетуваме сите новинари, водители и уредници дека имаат законска обврска за балансирано известување и однесување не само за време на изборни кампањи, туку секој ден во годината. Особено кога реформите во медиумите се дел од оценката за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, се наведува во реакцијата на МАН.