Манасиевски: За Ковачевски златни чинии, за народот скапа струја и недостаток на парно

125

Свесни за кризата во која се наоѓа државата, како одговорни граѓани решивме и ние да донесеме подарок на мандатарот Димитар Ковачевски. Доволно добивавме подароци од власта во форма на поскапена струја, поскапено парно, поскапени производи во маркетите, решивме и ние да вратиме, изјави во саботата Валентин Манасивески од ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека откако јавноста дозна дека Владата набавува нов прибор за јадење со позлатени сервиси за јадење за новиот мандатар, од партијата решиле да ги „поштедат“ од трошоци и таквиот прибор „да му го подарат во име на граѓаните“.

„Еве Владата не мора да троши 37 илјади евра, кои се рамни на 140 месечни плати на еден работник, туку нека го искористи овој позлатен прибор, ако веќе премиерот мора да јаде со златни лажички, виљушки, чинии. Слатки нека му се октоподот, шкампите, лигњите и бранцинот во новите позлатени чинии“, рече Манасиевски.

„Народот можеби во својот дом ќе нема греење, можеби ќе нема леб, ама луксузот во владиниот кабинет не смее да трпи. Одговорноста на народот е голема и затоа ќе воведе мерки на народно штедење, ќе се откаже од поскапената храна, ќе се покрива со јамболии, ќе плаќа поскапи сметки, но овие чинии никогаш не смеат да останат празни. Доволно ќе биде мандатарот Ковачевски секогаш кога ќе јаде од полните златни чинии да се сети барем на миг на овој народ кој сето тоа му го овозможил. На народот му остана шегата, за да не заплаче. Велат секоја шега е половина вистина, но овој пат тоа е полна и болна вистина“, додаде претставикот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.