Манчев: Нема ништо од подземната сообраќајница и жичарницата на Заев

Нема ништо од ветената подземна сообраќајница, но и жичарница од програмата на Зоран Заев за локалните избори во 2013 година, истакна во саботата на прес- конференција, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица, Ванковер Манчев.

„Стоиме на местото каде што требаше да биде изградена подземна сообраќајница која ќе се протегаше до улицата ‘Ванчо Китанов’, ветена на страница број 40 во програмата за локалните избори за 2013 година. Овој проект требаше да биде готов до 2015 година, за да има подобар проток на граѓаните. Но, наместо тоа денес имаме неуредни и одамна неисчистени контењери и од скоро платен паркинг“, рече Ванковер Манчев.

Според него, Заев за да го привлече вниманието од гласачите, ветил и изградба на жичарница до атрактивниот локалитет Цареви кули.

„Генијалните идеи беа ветување за Зоран Заев, кој вети и жичарница за да ја поврзува Струмица со Цареви кули. И не само тоа, туку дека во склоп на жичарницата ќе има кафе-бар, ресторан, но и продавница за сувенири. Немаме ништо од тоа, туку само узурпирани тротоари, присвоени зелени површини од големиот парк и многу други проблеми кои треба да се решаваат“, рече Манчев.

Потсети уште еднаш на, како што рече, ветеното но неисполнето ветување на Заев за модерницазија на градскиот пазар Чешел, напоменувајќи дека и на овој пазарен ден, пазарџиите и граѓаните се затекнати на р’ѓосани тезги, на отворено при жешки температури.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.