Манчевски: Цените за пристап до ултра брз интернет мора да бидат прифатливи за граѓаните

Јавните средства кои државата ќе треба да ги обезбеди за изградба на мрежите во следните 10 години, а тоа се неколку десетици милиони евра, можеби на прв поглед изгледаат многу, но на ова треба да се гледа како предуслов за обезбедување на дигитална трансформација во државата, посочи тој.

Постигнувањето на националните бродбенд цели ќе обезбедат можност за дигитална трансформација на општеството што треба да доведе до суштинска промена во начинот на нашето живеење, размислување, комуникација и водење бизнис.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на денеска организирана јавна расправа на којшто беше презентирана работната верзија на Националниот оперативен бродбенд план (НОБП) на која се осврна на содржината на документот, а зборуваше и за заложбите на Владата за реализација на предвидените мерки и активности.

– НОБП е стратешки документ на државата.  Мерките и активностите во НОБП не смеат да бидат изолирани и да преставуваат цели сами за себе. Тие мора да бидат взаемно поврзани и усогласени и со други стратешки државни политики за да ја постигнат крајната цел, а тоа е да се обезбеди подобар живот за граѓаните – рече Манчевски.

Меѓу најголемите предизвици во реализацијата на Планот е цените за пристап до ултра брз интернет за домаќинствата во белите зони кои, рече, мора да бидат прифатливи за граѓаните, како и обезбедување на конкурентен и лојален пазар.

– Едно од најголемите предизвици секако ќе биде обезбедувањето на ултра брз пристап до интернет за крајните корисници во белите зони. Белите зони се показател на дигиталниот јаз во државата, а државата треба да обезбеди начин тој да се намали. Затоа, во НОБП предвидено е во белите зони ЈП МРД, по барање на крајните корисници да им обезбеди оптички поврзувања, но некаде и безжични, за потоа преку истите оператор да им обезбедува пристап до ултра брз интернет. Есенцијално е изградбата, користењето на оваа пристапна оптичка инфраструктура да биде на транспарентен и недискриминациски начин, согласно препораките на ЕУ за државна помош. Ниеден оператор не треба да биде ставен во повластена позиција на пазарот. Ова мора да е гарантирано. За потврда на истото, текстот на НОБП ќе биде доставен на мислење и до ЕУ – рече министерот Манчевски.

Тој нагласи дека целта нема да се постигне доколку потрошиме сериозни јавни средства за изградба на мрежи во белите зони, а потоа тие да не се користат.

– Јавните средства кои државата ќе треба да ги обезбеди за изградба на мрежите во следните 10 години, а тоа се неколку десетици милиони евра, можеби на прв поглед изгледаат многу, но на ова треба да се гледа како предуслов за обезбедување на дигитална трансформација во државата. Тоа е единствениот начин институциите и услугите да ги приближиме до граѓаните. Грѓаните да имаат подеднаква шанса за пристап до квалитетно образование и информации. Ова е стратешки документ, кој треба да влијае и на намалувањето на иселувањето од државата, особено во руралните средини – подвлече Манчевски.