Манчевски ќе брка административци во 2019, а пред Нова година 70 нови огласи

200

Од почетокот на декември, годинава речиси и да нема ден во кој не е објавен оглас за вработување во државните институции и јавните претпријатија. Се вработуваат државни службеници преку огласи што ги објавува Агенцијата за администрација, но и различни профили работници и раководители во огласи кои ги објавуваат самите претпријатија и институции. Од друга страна Дамјан Манчевски, министерот за администрација и информатичко општество,  пред само неколку дена повторно нагласи дека во периодот од 2019 до 2020 ќе започне процес на реорганизација и намалување на пребројната администрација.

Бранот вработувања доаѓа по најавата дека деполитизација на администрацијата ќе биде приоритет на Министерството за информатичка технологија и администрација.

Наши императиви во следниот период ќе бидат деполитизација на администрацијата, реорганизација и оптимизација на институциите, зголемување на капацитетите за скрининг и за преговори и ефикасни и поевтини услуги за граѓаните, рече неодамна ресорниот министер Дамјан Манчевски и додаде дека ниту еден од вработените нема да остане без работа, туку во случај на потреба ќе има доброволно распределување во приватниот сектор.

Според него можеби јавноста има впечаток дека сега вработувањата се одвиваат по политичка линија, но сепак не негираше дека се вработуваат кадри на актуелната власт кои во минатото не можеле да се вработат поради партиската определеност.

Луѓето кои имаат книшка од СДСМ, само поради тоа не можеа да се вработуваат во администрација, па дури и во приватни фирми. И сега, да, дел од нив почнаа да се вработуваат и малку е чудно за дел од граѓаните, меѓутоа ќе се навикнат. Но, не е точно дека се одвива масовна политизација на институциит, појасни Манчевски.

Имаме превработеност во администрацијата, но и недостаток од професионален кадар. За тоа мора да најдеме решение со мерки и политики кои ќе не доведат до тоа.

На крај на следната година ќе има понуда до дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор, а тоа, според Манчевски, ќе биде доброволно за тие што ќе ги прифатат критериумите.

Ќе дадеме, најави Манчевски, поголема плата, но и ќе бараме многу повеќе работа. Администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните и се додека граѓаните не го сменат мислењето за администрацијата имаме проблем, нагласи Манчевски, укажувајќи дека тоа ќе се направи со дигитализација на процесите и со реорганизација.За оној кој не работи нема потреба да зборуваме за реформа.Тој што не работи едноставно нема што да бара – нагласи Манчевски.

Критериумите според кои се утврдува квалитетот на работата на административните работници се утврдени во одредбите на Законот за административни службеници. За тој Закон, и за Законот за вработени во јавниот сектор на почетокот на следната година ќе биде отворена дебата за измени, но тие, според Манчевски, не се во насока на постапките за утврдување на квалитетот на работата на административците.

Во меѓувреме секојдневно течат огласи за нови вработувања.

Меѓу другите, Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на 15 државни службеници во Владата на Република Македонија – Генерален секретаријат. Се бараат кандидати за следните работни места: виш соработник за поддршка од областа на правото, помлад соработник за оперативна поддршка, советник за поддршка на генералниот секретар на Владата, помлад соработник за логистичка поддршка за имплементирање на препораките на Државниот завод за ревизија, виш соработник за организациона поддршка.

Агенцијата за администрација исто така објави оглас за вработување на 10 државни службеници во Министерството за труд и социјална политика. Во огласот се бараат заинтересирани за вработување како помлад соработник за буџетска анализа, советник за имплементација на демографски политики, помлад соработник за административно-техничка поддршка и обработка на податоци и документи за судски постапки и за одговори на жалби од работен однос, раководител на одделение за задолжително и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Платите во зависност од работното место се движат од 20.900 до 28.303 денари.

Агенцијата за администрација објави и оглас за вработување на 14 раководители во Агенцијата за вработување. Се бараат кандидати за раководители во центрите за вработување во Свети Николе, Охрид, Крушево, Неготино, Македонски Брод и Струга. Платата за сите работни места изнесува 28.277 денари.

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје овој месец распиша оглас за вработување на 18 лица.

Во огласот се бараат повеќе профили работници меѓу кои помлад инженер соработник за пруги, помлад градежен техничар, помлад ракувач на машина, помлад инженер соработник за енергетска ефикасност, помлад. инженер соработник за електротехнички постројки, помлад одржувач на сигнално сигурносни постројки…

Платите во зависност од работното место се од 18.158 денари до 23.746 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.