Манчестер Сити на – 3 од Ливерпул

Фудбалерите на Манчестер Сити експресно го искористија големиот кикс на Ливерпул и со заслужениот триумф во дуелот против домашниот тим на Кристал Палас, ја намалија бодовната негатива на достижни три бода, но избраниците на Мануел Пелегрини имаат одиграно и еден натпревар помалку во споредба со „црвените“ од „Енфилд“.

Манчестер Сити ќе биде крунисан за нов шампион на Англија доколку слави на преостанатите три натпревари до крајот од актуелната сезона.

Доколку двете екипи имаат ист број на бодови, титулата ќе заврши кај тимот кој има подобра гол разлика, а во овој сегмент, Манчестер Сити има убедлива предност пред Ливерпул.

„Јас секогаш верувам во мојот тим и во ниту еден момент не се откажав од шампионската титула. Се е можно во фудбалскиот свет. И пред натпреварот им кажав на моите фудбалери да не се оптеретуваат со конечниот резултат од дуелот помеѓу екипите на Ливерпул и Челзи. Ме послушаа, се фокусираа на дуелот против Кристал Палас и покажаа дека се вистински професионалци”, изјави менаџерот на Манчестер Сити, Мануел Пелегрини.